Monday , December 18 2017

[Карабао Куп] Се запознаваме со нашиот противник

Минатогодишниот ЕФЛ куп, исто така познат како Капитал 1 куп, Карлинг Куп од пред повеќе години или со едно име Лига Куп, има нов спонзор, а тоа е енергетскиот пијалок Карабао од Тајланд кој што воедно е и спонзор на нашиот клуб.

Претходните два дена се одигра второто коло од купот, а невообичаено, рано утринава на далечниот исток се оддржа ждрепка за третото коло кое ќе се одигра на 19-ти и 20-ти септември. Како и секогаш, имаше многу изненадувања, па така и сега, а најуспешни во тоа беа клубовите од Бристол. Роверси ги совладаа нашите соседи Фулам како гости, а Сити го совладаа премиерлигашот Вотфорд кој одлично ја започна сезоната во Премиер Лигата, исто така како гост. Нашиот противник, Нотингем Форест го победи Њукасл на Ст. Џејмс Парк, а во дербито на кинеските сопственици, Вулверхемптон исто така на гости кај Саутемптон победи со 2-0. Натпреварот меѓу Барнсли и Дерби Каунти сеуште не е одигран, а уште вреди да се спомене и дербито на источен Ланкашир каде Барнли, кој што се наоѓа два ранга погоре, го совлада Блекбурн, кој од оваа сезона е нов члан на Лига 1.

Нотингем Форест, односно Шумарите како што се популарно наречени, се сместени во Нотингем, Источен Мидлендс, град со огромна традиција, со нешто над 320000 жители. Се наоѓа околу 200 километри северно од Лондон. Културата во овој град е на највисоко можно ниво, а најпознат е по легендата за Робин Худ, јунакот кој крадел од богатите за да ги нахрани сиромашните, а исто така и кралот Ричард Лавовско Срце кој живеел на крајот на 12 век.

Нашиот противник, Нотингем Форест е клуб со многу традиција, особено во 70-тите и 80-тите кога на чело на стручниот штаб беше големиот Брајан Клаф. Имено, тие во својата историја имаат освоено 2 Европски купа (сегашна Лига на Шампиони) во 1979 и 1980, една шампионска титула во Првата дивизија(сегашна Премиер Лига) во 1978, два ФА Купа во 1898 и 1959, а покрај неколку други трофеи кои повеќе не постојат, натпреварувањето во кое ќе се сретнеме со нив го имаат освоено 4 пати во ерата на Брајан Клаф ( од 1975 до 1993).

Нивниот најголем ривал е Дерби Каунти чии што стадиони се на двете страни на реката Трент која што потоа тече и низ Стоук. Ривалството започнало заради еден човек, гореспоменатиот Брајан Клаф кој што првин, погодувате, бил тренер на Овните од каде што бил избркан за потоа со Шумарите да освои речиси се што може да се освои.

Сити Граунд од едната и Прајд Парк од другата страна на реката Трент

При крајот на минатата сезона Нотингем Форест беше купен од грчкиот бизнисмен Евангелос Маринакис, кој што може да се каже дека е грчка верзија на, нам повеќе познатиот, Здравко Мамиќ. Во текот на летово го продадоа својот најдобар играч, Брит Асомбалонга во Мидлзброу, но имаа солидни засилувања пред се во напаѓачот на Хибернианс Џејсон Камингс, левото крило Бери МекКеј од Глазгов Ренџерс, Дерил Марфи и голманот на Андерлехт, Лиам Босин, а на позајмица беше доведен Киеран Дауел од Евертон.

Шумарите имаат одличен тим и заедно со Марк Ворбартон, поранешниот менаџер на Ренџерс, веќе во првите 5 натпревари од сезоната се покажаа како силен противник и со елиминацијата на Њукасл од Карабао Купот докажаа дека може да бидат опасни и за побогатите и посилни клубови, особено што Премиер Лигашите во ова натпреварување гледаат шанса за одморање на играчите. Тие имаат 9 бода од можни 12 во Чемпионшип и се на делба на 3 место со Вулверхемптон, минатото коло го победија силниот Мидлзброу, а во последното коло пред репрезентативната пауза ќе имаме шанса да ги проследиме против Лидс Јунајтед кои се значајно ослабени од заминувањето на најдобриот играч Крис Вуд во Барнли.

Овој натпревар не смее да се сфати воопшто како лесен поради фактот што Форест е во одлична форма, а општ впечаток е дека нашиот клуб нема доволно играчи за сите натпреварувања во кои оваа сезона ќе учествува, па така, доколку во последната седмица од трансфер периодот не се донесат нови засилувања, гостувањето на Нотингем Форест може да биде тежок тест за нас со оглед на тоа дека ќе им биде даден заслужен одмор на главните играчи.

 

Останатите мечеви од третото коло во Карабао Купот се:

 

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] Челси – тотенхем

Во саботата се одигра уште едно дерби на Стемфорд Бриџ, можеби досега најважниот натпревар од ...