Monday , December 18 2017

[Del Boy has his say…] Шумот на парите

Веројатно сите се запрашувате, што бара тука на сликата легендарниот Дејвид Џејсон во ликот на Дел Бој и каква врска има тој со нашиот клуб? Само оние што ја познаваат англиската култура ќе знаат дека популарните Only fools and horses доаѓаат од срцето на Лондон, а баш главниот лик е фан на Челси што се покажува неколку пати во текот на серијата. За оние помлади фанови кои сеуште не се запознаени со нив, тоа е домашна задача со загарантиран тврдокорен англиски хумор од 80-тите.

Овој викенд нема фудбал, барем оној кој нас би не интересирал како прв и единствен официјален фан клуб на Челси во Македонија. Исто така, потсетувањето на некои историски личности или настани е важно, но нешто друго, актуелно го поттикна вашиот колумнист и го смета за поважно како тема на размислување. Ќе се обидам да ви го доловам моето мислење на таа тема. Се работи за изминатите 2 месеци на островот, она што се случуваше зад сцената, во канцелариите каде што нема искинати дресови и калливи чорапи, но она што и тоа како веќе имаше или ќе има свој помал или поголем удел на тоа што ќе се случува на терените ширум Англија. Веќе по насловот може да се претпостави дека во прашање е трансфер периодот кој штотуку заврши, а ние сме тука да ви доловиме кој излезе како победник од сето тоа што изгледаше како трансфер бркотница, но на крајот кога се склопија сите коцки, секој може да биде поприлично задоволен, а како и Англичаните на секое поле, и нивната фудбалска Премиер Лига која толку ја обожуваме се издвои од останатите во Европа.

Да започнеме од она најважното, што можеби не е дел од теренот но и има и тоа какво значење. Се работи за диригентот на нашата екипа, за човекот од кој зависи се. Антонио Конте. По заминувањето на Специјалниот во декември и поставувањето на Гус Хидинк, уште тогаш се знаеше дека почетокот на следната сезона нашата војска ќе ја води друг генерал. При крајот на сезоната се дозна кој е, ставовите беа измешани. Но, добрата страна на сето тоа е можноста да видиме што не очекува во периодот во кој сите национални првенства беа завршени, а на сцена беа најсилните 24 репрезентации на стариот континент. Антонио Конте беше соочен со можеби најсилната група на првенството, со Белгија која беше полна со премиерлигашки ѕвезди, со Шведска кој го имаше неверојатниот Златан и со борбените Ирци. Сите три противници веќе можеа да му навестат на нашиот нов менаџер што го очекува кога ќе застане на кормилото на Челси. Групата ја заврши како прв веќе по два натпревари, ја прикажа Италија во светло во кој никој не очекуваше. Од играчи кои не успеваа да се пробијат во тимови како Сандерленд (Џакерини), направија претенденти можеби за играч на првенството, доколку стигнеа до финалето. Организираноста во одбраната беше восхитувачка. Примија само еден гол до четврт-финалето против Германија, а доколку сакаа веројатно немаше да го примат ниту оној од Ирска. Нападот беше убиствен, а сето тоа немаше да биде возможно без неверојатната тактичка поткованост и енергија која не можеше да се загуши од покрај аут линијата. На крајот беа исфрлени од Германија на пенали 10тина дена пред крајот на европското првенство, што воедно беше добро за нас. Тој беше тука точно на време.

conte

Антонио Конте во една од ретките ситуации кога не е во својот елегантен костум

Играчкиот кадар од минатата сезона почнаа да го надоградуваат играчите вратени од позајмица. Тука без сомнение отскокнува едно име. Виктор Мозес. Тој уште на стартот на подготовките покажа каков напаѓачки потенцијал Жозе Мурињо дозволил да шета од Ливерпул, преку Стоук до Вест Хем во периодот додека тој беше на “власт“. Истото се продолжи и по стартот на сезоната, Виктор Мозес едноставно е тоа што ни требаше, свежина и талент на крилните позиции, сето она што не се Педро а посебно не Куадрадо кои беа донесени во претходната календарска година.

moses

Виктор Мозес во 2012-тата кога потпиша за нашиот клуб

Прв однадвор, како шампион на Англија дојде Н’Голо Канте. Му требаше некое време да се приклучи на тимот поради учеството на неговата екипа во финалето на европското првенство, но дали некој се сомневаше во неговите квалитети и дали некој смееше да се посомнева дека вложените 30-те милиони фунти нема да се вратат со перфектна игра, професионални прекршоци и стабилност на средината на теренот. На првите три натпревари, нашата екипа го доби токму тоа што недостасуваше минатата сезона. Таа жичка меѓу добиен и недобиен натпревар.

kante

Н’голо Канте на официјалното претставување на Стемфорд Бриџ

Следен беше човекот на кој веројатно никој не може без пречка да му го прочита презимето. Мичи Бачуаи дојде од Марсеј како анонимус, како човек кој допрва треба да се докажува иако беше дел од белгиската репрезентација на европското првенство. Човек кој многу го сметаа за преплатен, но човек кој го нуди она што исто така го немавме минатата сезона, а не чинеше многу. Мичи Бачуаи е играч кој ни дава мир и кога Коста ќе почне да ги провоцира противниците а веќе има жолт картон, кој ни дава мир и кога Коста ќе почне да потскокнува на една нога при некој спринт доцна во натпреварот, играч кој ни дава мир и кога резултатот е нерешен или пак губиме на 5 минути пред крајот. Тој е нашиот Лоик Реми од шампионската 2014-15 година, тој е нашиот Самуел Ето од сезоната пред тоа. Тој е играч на кој никој не смета, а кој е спремен да постигне дури и 15 лигашки голови во сезоната, доколку му се даде соодветна шанса, што веројатно нема да биде случај оваа сезона но веќе од наредната го гледам како прв напаѓач што го води нашиот тим кон успеси. Дали во овој момент вреди 33 милиони фунти? Веројатно не, но тоа се пари што многу веројатно не можат да бидат потрошени за поквалитетен напаѓач во ова време во кое Премиер Лигата го доживува зенитот, но за тоа нешто подоцна. Неговиот потенцијал прави нашата управа да добие преодна оцена за овој трансфер.

batshuayi

Човекот од кој се очекува малку, а ќе добиеме многу – Мичи Бачуаи

Голманот на загребски Динамо, Едуардо дојде по цена од 4 милиони фунти во веројатно најлошиот трансфер за нас во овие два месеци. Но, нашите младински академии иако се освојувачи две години по ред на ФА Купот за млади и Лигата на Шампионите за играчи до 19 години, во ниту еден момент немаа квалитетен голман, па веројатно затоа Конте беше приморан да бара трет голман надвор од нашиот тим. Се одлучија за актуелен европски шампион и веројатно не погрешија, но никој не треба да очекува премногу од Едуардо.

eduardo

Здравко Мамиќ знае да заработи дури и на 33-годишен голман – Едуардо

Конечно дојдовме до последните два трансфери кои сакам посебно да ги анализирам. Цело лето владееше паника меѓу нас, фановите и навивачите на Челси поради слабите игри во одбраната минатата сезона. Во текот на сите овие 2 месеци владееше страв дека Конте нема да потроши соодветна сума од касата на клубот (не на Роман Абрамовиќ) и да ја засили одбраната во моменти кога Џон Тери веќе е предмет на критики и е зрел за замена со млад и перспективе играч, кога на Бранислав Ивановиќ исто така му зар’ѓаа деловите и не може да ја изнесе задачата по бочната позиција, кога Гери Кејхил е подложен на се повеќе киксеви, Курт Зума се враќа од тешка повреда која го одалечи од теренот 7 месеци, а Абдул Баба Рахман необјасниво беше позајмен во Шалке 04. Се бараше макотрпно и очајно. Конте разбирливо посегна по италијанската лига и нивните екипи поради своето потекло, познавањето на нивниот стил на игра, но и поради традиционалната определеност на италијанските екипи на филозофија во која е поважно да не се прими гол отколку да се даде еден повеќе. Но, таа потрага заврши неуспешно. Сите понуди за стопери од италијанските екипи беа одбиени, почнувајќи со Кулибали преку Ромањоли па се до Штефан Де Вриј. Но, нашиот менаџер не се откажа, па ја побара Фиренца за еден финален обид на италијанската чизма, кога едноставно мораше да се направи нешто за да имаме повеќе од 4 дефанзивци за некој следен меч откако и Ола Аина се повреди.

Маркос Алонсо е играч кој е далеку од она што го бараше Конте во сите играчи за кои испрати понуда претходно. Бараше цврст стопер а на крајот во Лондон понесе офанзивен бек. Ако се погледне од страна, потполно беспотребно. Зошто посегнавме по офанзивен лев бек кога веќе имавме еден со исти карактеристики во Баба Рахман? Дали беше потребно да се потрошат 19 милиони фунти за играч од калибар кој веќе го имаме? Јас би рекол да. Забораваме дека Баба Рахман е донесен како некој на кој треба да се смета во иднина, а и покрај тоа тој имаше шанса да се докаже и за жал не ја искористи. Неговата катастрофална дефанзива претходната сезона беше тешка за гледање, неговото криминално позиционирање против ПСЖ не чинеше испаѓање од Лигата на Шампионите, а не сакам ниту да се потсетам на она што го правеше против просечни клубови од Премиер Лигата, дури и против оние што завршија во Чемпионшип веќе во декември(да, Астон Вило, мислам на тебе и на мечот на Стемфорд Бриџ кога иако го добивме со 2-0, единствената слаба алка во тимот беше Баба Рахман). Маркос Алонсо сигурно не може да биде полош во дефанзивата, но исто така тој носи една друга димензија во нападот, поседува одличен центаршут и прекрасен удар од прекини, нешто што, и покрај головите на Вилијан од претходната сезона мораме да признаеме дека ни недостасува. Дали можеше да се земе за помалку од 19 милиони фунти? Веројатно можеше, но секој тим кој не е во Премиер Лигата сега има цел да профитира од новите договори во кои тв правата за мечевите на Борнмут, Хал и Барнли вредат исто како оние на Манчестер Сити, Челси и Манчестер Јунајтед, кои во исто време се поголеми од сите во светот освен на натпреварите на екипите од топ 4 во Шпанија. Импозантно, зар не?  Да се вратиме на она што го добиваме и губиме од поранешниот играч на Болтон и Сандерленд, Маркос Алонсо. Веројатно неколку пати ќе остане малку понапред отколку што е тоа потребно, можеби нема секогаш да возврати со голови и асистенции во нападот, но неговите сличности со Лејтон Бејнс од најдобрите денови едноставно не можеме да ги пропуштиме и лично јас едвај чекам да го видам по левата страна. Исто така со 25 години тој е играч на позиција што ни е потребна, и заедно со Баба Рахман можат да бидат една од најдобрите ротации на таа лева бековска позиција во ПЛ следните 5 години, особено што тоа е болно место за многу тимови вклучувајќи ги Манчестер Сити и Арсенал. За неговите недостатоци да не бидат толку експлоатирани ќе се погрижат Канте и уште едно ново-старо засилување.

alonso-signs.img

За некои чекор назад, за некои очаен потег на нашата управа, дека не е така треба да покаже Маркос Алонсо

Да, она што се чинеше невозможно, незамисливо пред само 24 часа веќе откако тие поминаа се случи. Она момче со долга смешна коса, нерасипано и дојдено од топлиот Бразил, од сончевата Копакабана во Англија, во студена дождлива вечер во Стоук да се забавува, стопер со карактеристики најмалку на играч за врска ако не и напаѓач, нашиот geezer, се врати. Давид Луиз е она кое го баравме веќе три лета, практично од кога го пуштивме да отиде онаму каде што ќе може да ни се одмазди два пати на многу болен начин. Почнувајќи од Курт Зума, преку Џон Стоунс, Папи Џилобоџи, Мат Миазга, Хектор, Кулибали, Ромањоли, Де Вриј, Абденур, потрагата по вистинска замена траеше, но истата дојде по 2 сезони. Давид Луиз е повторно во кралска сина комбинација и неговите шеги повторно ќе ги засмејуваат фановите, додека на припадничките на понежниот пол ќе им дава причина повеќе да го следат нашиот клуб. Веројатно сето ова изгледа како да се работи за перфектен играч со најдобар карактер, но мора да признаеме дека сето тоа има свои дамки. Лошата страна на Луиз како фудбалер е веројатно токму она што е неговата најголема доблест како човек. Англискиот фудбал веќе одамна, ако воопшто некогаш и бил таков, не се игра од забава и не се допуштени импровизации. Неговиот инстинкт да тргне по противничкиот напаѓач на 40-50 метри од сопствениот гол многу пати се чинеше кобно за нас. Истото важи и за тргнувањето напред со топка иако тоа многу почесто беше успешно и продуцираше неверојатни моменти како што е оној во студена вторничка вечер на Кревен Котиџ кој што гол против Фулам се вртеше по најавните шпици на нашите натпревари подолго време. Неговата прослава пак, на голот на Стемфорд Бриџ но против својот Челси веројатно многу од нас никогаш нема да ја заборавиме. Тоа само дотури сол на раната откако неговиот ПСЖ не исфрли од ЛШ веројатно кога имавме најмногу шанси да ја освоиме според тимот и тоа колку доминантно сето тоа изгледаше ако не се смета сезоната 2004-05 кога бевме исфрлени од непостоечки гол во полуфиналето. Се на се, добивме ball playing стопер кој што е неверојатна опасност и во воздухот (нешто што веројатно Куртоа најдобро го знае) кој во пар со Кејхил може да биде убиствен против послабите екипи, а веројатно ќе успее да изгради партнерство со Курт Зума кое ќе трае неколку следни сезони кога ќе добиеме супер тандем со можност да брани а во исто време и да напаѓа речиси перфектно. Неговото искуство и двете години поминати во Франција да се надеваме дека ќе донесат поодмерена игра, попаметни одлуки  и помалку стресови од претходниот негов мандат на Стемфорд Бриџ, а Антонио Конте е секогаш тука за да дополни еден дефанзивец кој е блиску до перфектен, како што тоа беше случај со Бонучи, Барзаљи и Киелини кои веќе со години функционираат беспрекорно како во Јувентус така и во репрезентацијата. 32-та милиони фунти го прават второ најскапо засилување ова лето, но ако се земе в предвид дека минатата негова аквизиција не чинеше околу 20 милиони, а неговиот трансфер во ПСЖ ни донесе 50, сепак се чини дека и во врска со него исто како и со Матиќ не треба да се покаеме што беа и сеуште се дел од нашиот тим, особено ако се знае со каков квалитет располагаат двата фудбалери. Ако се прашувам јас, единствена грижа околу овој трансфер веројатно е кој број ќе го носи Давид Луиз на грбот сега кога Цеск Фабрегас ја зафати “неговата“ 4-ка.

pjimage

“Oh David Luiz, you are the love of my life, oh David Luiz, I’d let you sh*g my wife, oh David Luiz, I want curly hair too”

Од оние кои си заминаа, нема позвучни имиња, што ни дава до знаење дека Конте е тука да го изгради овој тим и да ги достигне височините на Жозе Мурињо. Мохамед Салах е единственото име кое отскокнува во целиот тој список, а можеби цената од 12 милиони фунти за играч од негов калибар е премалку. Но, не треба да бидеме воопшто загрижени поради фактот што веќе имаме перфектна ротација на двете страни од теренот со Азар и Мозес на едната и Вилијан и Педро на другата страна. Мора да признаеме дека Салах тешко би се изборил за минутажа, исто како и Куадрадо кој уште еднаш замина на позајмица во Јувентус, а многу веројатно е и дека истиот тим ќе го откупи на крајот на сезоната и покрај тоа што се сметаше дека под Антонио Конте ќе добие поголема минутажа. Тимот конечно ги симна Папи Џилобоџи, Марко Марин и Стипе Перица од својот платен список, а истото се случи и со Радамел Фалкао, Александре Пато и Марко Амелија кои беа непотребни аквизиции на Жозе Мурињо претходната сезона. Лоик Реми исто така замина на позајмица во Кристал Палас и е многу веројатно дека на крајот на сезоната ќе замине комплетно од нашиот клуб. Од сите оние играчи кои играат како позајмени во другите клубови, веројатно сеуште има планови во првиот тим за Натан Аке, Андреас Кристенсен кој сеуште е во Борусија Менхенгладбах, Џереми Бога, Данило Пантиќ, Кенеди, Баба Рахман и Бертранд Траоре, останатите е многу веројатно да завршат како Перица, Марин и Џилобоџи во некоја од следните сезони.

Вкупно нашиот клуб од сите овие заминувања инкешираше 34 милиони фунти, и имаме негативен биланс од -85 260 000, што е трет одзади на таа листа што ако се земе в предвид прецизноста на пополнување на позициите што ни беа потребни, квалитетот на играчите и цената платена за нив, во една ваква ера во Премиер Лигата во која 13 тима од вкупно 20-те го срушија својот трансфер рекорд купувајќи прилично просечни играчи, ова може да се оквалификува како најдобар преоден рок сезонава во Премиер Лигата, а најблиску до такво остварување беа Роналд Куман со Евертон ( кој сепак остана без квалитетен играч во средината, а беа блиску до него со понудата за Сисоко која ја расипа Тотенхем и во последните моменти го донесе францускиот репрезентативец во своите редови) и Шон Дајх со Барнли (чиј што трансфер на Камил Гросицки се откажа буквално по истекот на трансфер периодот, откако се беше договорено и тимот од Ланкашир остана без левото крило кое толку им е потребно). Останатите тимови немаа јасна визија што да прават со парите кои несомнено ги имаат на располагање.

Како тоа ќе изгледа…

Додека аматерски ја правев оваа слика, се изненадив и самиот од тоа на каков начин и колку добро е се добро вклопено во нашиот состав. Имаме одлични први 11 и измени на речиси сите позиции кои можат веднаш да почнат натпревар доколку тоа го налага ситуацијата. Перфектно вклопена одбрана, а дури има големи изгледи дека ќе добијат шанса дури двајца играчи од академијата а тоа се Ола Аина на десен бек и Лофтус Чик или пак Натаниел Чалоба во средината на теренот, на оние позиции кои што најлесно може да се стави друг играч, а со тоа ќе има помалку притисок и за младите играчи и за менаџерот Конте. Се на се, по скромното мислење на вашиот колумнист, најдобро одработен преоден рок до сега од страна на Челси. Можеби изгледа чудно одлуката да се врати Давид Луиз покрај сите стопери на светот, но не заборавајте го фактот дека не играме во Лигата на Шампионите а тоа може да е само лошо во привлекувањето нови засилувања, можеби цените на овие играчи изгледаат превисоки, и сите се бориме со фактот дека треба да се навикнеме, но ова го нагласувам низ целиот текст и низ целото лето зад нас: верувајте, тоа е новото лице на Премиер Лигата, во која 13 тима го срушија сопствениот трансфер рекорд во само 2 месеци, во кои беше надмината потрошената сума на било кој трансфер период досега за најмалку 200 милиони. За прв пат потрошените средства од страна на најелитните 20 англиски клубови се изразуваат во деветоцифрен број, а нашиот клуб конечно е во текот со времето.

челси, моќ

Нашиот тим кој што најмалку до јануарскиот ќе се бори со титаните од Манчестер за титулата

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Колумна] Денот кога засакав шпагети

Еден студен зимски ден, мало дете со штотуку наполнети 6 години седи на масата на ...