Tuesday , October 24 2017

[Најава] Антонио Конте против Тони Пјулис

Загревање

Нашата серија продолжи,, нашите играчи играат се подобро. Ги поминаа двата меча што треба да бидат најтешки тестови за нашиот тим. Но, најтешките тестови допрва почнуваат. Токму овие натпревари против послабите тимови околу Божик неретко ја одлучувале сезоната до сега. Згуснат распоред, клубови што се борат за опстанок, кои гризат и за кои секој бод е важен. Од друга страна пак примораноста да се ротира составот, заморот на играчите, си го прави своето. Исто така кога некој противник е во ваква форма како Вест Бромвич Албион кој нема пораз на 4 натпревари, од кои три победи и нерешен натпревар против Хал на гости, мора играчите да бидат многу претпазливи.

Противникот од блиску

Вест Бромвич Албион веројатно е еден од тимовите кои вистинските љубители на англискиот фудбал најмногу уживаат да ги гледаат. Тие заедно со Барнли, Хал, Кристал Палас и Сандерленд се ретките клубови во Англија кои сеуште го играат оној островски, англиски фудбал од 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Нашиот утрешен противник е исклучително цврст во дефанзивата, не дозволува многу удари од шеснаесетникот, а имаат и исклучително квалитетна транзиција, а прекините на Крис Брант се едноставно неверојатни. Од нивните вкупно 20 погодоци, дури 9 се постигнати после прекин и 2 од контра напади, што е повеќе од половина, а во недела нашиот противник најголемата веројатност да постигне гол ќе ја има токму при вакви ситуации. Одлично бранат прекини, но нивната слабост е тоа што често прават прекршоци во опасната зона. Можеме да очекуваме класичен бункер од нашиот противник , многу подвижна зона, карактеристична за стратег како Тони Пјулис кој до сега нема испаднато од Премиер Лигата, а факт е дека опстанокот може да се избори со добра одбрана во 90% од случаите. Може да очекуваме голем број на фаули од противникот, исто така на жолти картони, но и на фер и коректна игра. Најголемата опасност е Крис Брант бидејќи тој е веројатно најкреативниот играч во овој тим на ВБА, а исто така Рондон е доста тежок за бранење поради неговата корпулентност и опасност во скокот. Нивното ново засилување, Насер Чадли од тотенхем може да биде уште една опасност по нашиот тим, но тој штотуку се враќа од повреда па можеби веќе не е во таа форма од септември и октомври.

Доколку сакате да опстанете во Премиер Лигата, повикајте го Тони Пјулис. Еден од најдобрите менаџери на денешницата
Доколку сакате да опстанете во Премиер Лигата, повикајте го Тони Пјулис. Еден од најдобрите менаџери на денешницата

Како до победа?

Целта е јасна, 3 бода, и се освен тоа е неуспех, иако нашиот противник се наоѓа на 7-то место што е нивни најдобар пласман сезонава. Ако на претходниот меч нашата шанса беа контра нападите и прекините, овој пат мора да ја држиме топката во текот на сите 90 минути и не смееме да дозволиме мечот да ни избега од контрола. Исклучително е важно да се напаѓа константно, се додека не потклекне одбраната на противникот, а тоа можеби нема да се случи веднаш, но тоа не смее да не обесхрабри. Иако Матиќ се враќа од повредата, би било добро Конте да му дозволи на Фабрегас да го продолжи она што го започна на претходниот меч кога беше можеби најдобар поединец на теренот и неговиот теледиригиран пас кон Коста ни овозможи да го свртиме мечот. Доколку Давид Луиз не е во конкуренција поради грдиот старт на Агуеро, тоа би можело да биде проблем, но сепак мислам дека Ивановиќ би можел да ја заврши работата како трет стопер. По десната страна Конте е на слатки маки поради враќањето на Вилијан во форма постигнувајќи гол против Манчестер Сити, а пак повредата на Педро исто така не е сериозна. Системот е тој, нема потреба од менување на формацијата, сега само треба да се задржи континуитетот и да се одработи овој тежок меч професионално и без паника.

Имаме историја

Кога ќе се спомне Вест Бромвич Албион веројатно на сите ни доаѓа сликата како Дидиер Дрогба и Флоран Малуда ја решетаат нивната мрежа во првиот натпревар откако станавме шампиони на Англија, на почетокот на сезоната 2010-11 кога ги добивме со 6-0. Но, тоа беа некои други времиња, во последно време Вест Бромвич Албион е еден од нашите најнезгодни противници. Доколку погледнеме на назад, имаме само победи во текот на првата деценија од 21-виот век, меѓутоа, тогаш почнаа проблемите. Имено, Роби Ди Матео владееше од Вест Бром до Вест Бром, откако првин Виљаш Боаш беше отпуштен по поразот од ВБА на почетокот на март 2012-та година на наше огромно задоволство, а пак во ноември истата година истиот овој противник му пресуди на Роби ди Матео откако бевме поразени со 2-1 исто така на гостински терен. Oд тогаш наваму имаме 3 победи, 4 нерешени средби и еден неважен пораз поради фактот дека се случи на крајот на сезоната 2014-15 кога веќе ја имавме обезбедено нашата 4-та титула во Премиер Лигата. Во ерата на Премиер Лигата пак, нашиот однос со ВБА е 14 победи, 3 нерешени средби и 3 порази. Сепак, ако сакаме да најдеме пораз во лигата на домашен терен од нашиот утрешен противник, ќе мора да се вратиме до 30-ти септември 1978-та година кога сме поразени со 1-3. Во последните 3 меча откако Пјулис е на нивната клупа, имаме по 1 победа, пораз и нерешен резултат. Најубедливата победа е во сезоната 1960-61 кога добро познатиот Џими Гривс ја наполнил нивната мрежа со дури 5 погодоци. Најубедливиот пораз пак, е 4-0 доживеан неколку пати помеѓу двете светски војни и во првите години по втората светска војна.

Најубедлива победа: Челси 7-1 ВБА ( 03.12.1960)
Најтежок пораз: 4-0 ( 6 пати)
Меч со најмногу голови: Челси 7-1 ВБА (03.12.1960)

Џими Гривс- убиец со нежно срце
Џими Гривс- убиец со нежно срце

Моментот од различни перспективи

Двата тима се во одлична форма, играат добро и постигнуваат доста погодоци. Единствената причина поради што не треба да очекуваме атрактивен натпревар од двете страни е определеноста на Тони Пјулис и неговата гранитна одбрана. Во поглед на повредите, нашиот менаџер нема да може да смета на капитенот Џон Тери, Микел и Оскар, а Давид Луиз и ЗУма ќе бидат ставени на дополнителни тестови пред да се утврди неговата состојба. Кај нашиот противник под знак прашалник се Гарет МекОули и играчот за врска Џејмс Морисон, а пак Берахино и резервниот голман Боаз Мајхил се надвор од конкуренција. Диего Коста го започнува овој меч како најдобар стрелец заедно со Алексис Санчез кој што, интересно, е играч за врска на арсенал прекомандуван во нападот. Не очекуваат тешки гостувања кај Сандерленд и Кристал Палас во наредните 7 дена, ова е Премиер Лига па доколку ваквите мечеви ги добиеме ќе бидеме многу блиску до првата позиција на Божик, особено што Манчестер Сити и Ливерпул се соочуваат со проблеми во составите, а арсенал има два тешки меча против Евертон и Сити на гости во следните две кола, по домашниот натпревар против Стоук денеска.

Делители на правдата

На овој меч во центарот ќе биде Мајк Дин кој што има нешто помалку од 1 пенал во просек по натпревар, највисок просек во Премиер Лигата. Исто така тој е рангиран високо и според картоните. Тој има поделено 45 жолти и 3 црвени картони на 11 натпревари. Да се надеваме дека нема да биде во центарот на вниманието во неделното пладне на Стемфорд Бриџ. Под закана од суспензија при жолт картон кај нас се Диего Коста (осми натпревар по ред) и Давид Луиз, а кај нашиот противник тоа е случај со десниот бек Крег Досон. Секогаш е интересно кога Мајк Дин ја дели правдата, но според мене тој е еден од полошите судии во Премиер Лигата, непотребно се фаќа за џебот и покажува на белата точка, а пак ретко кој од нас може да го заборави недосудениот офсајд при голот на Ван Перси во ноември 2008-та на Стемфорд Бриџ.

Дали Мајк Дин ни најавува уште една претстава?
Дали Мајк Дин ни најавува уште една претстава?

Останатите се во акција

Првите 3 екипи,  во Премиер Лигата, Челси, арсенал и Ливерпул имаат домашни натпревари против ВБА, Стоук и вест хем. Следните две надолу на табелата ќе ги одмерат силите меѓусебно на Олд Трафорд во недела од 15.15 по македонско време. На дното, како и секогаш имаме два меча што вредат по 6 бода, оваа недела тоа се Барнли-Борнмут и Свонси-Сандерленд, мечеви кои што можат да ја определат судбината на овие екипи. Колото започнува со гостувањето на карамелите кај Вотфорд, а пак Манчестер Сити без суспендираните Отаменди, Фернандињо и Агуеро гостува кај шампионот Лестер. Саутемптон го пречекува Мидлзброу со надеж дека конечно ќе постигне повеќе од еден гол, прв пат по 6 меча, што нема да биде воопшто лесно поради формата на Мидлзброу кој има 4 бода на последните 2 меча, форма која ја навестија уште против нашите сини по интернационалната пауза.

Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега
Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега

Не се исклучува ова коло да не смени ништо како во поредокот, така во бодовната разлика меѓу првите четири екипи, но токму ваквите кола носат најголеми изненадувања во Премиер Лигата. И доколку тоа не се случи, во долниот дел од табелата е секогаш интересно и вреди да се следи секој дуел. Влегуваме во еден период од 3 меча во 6 дена за нашиот клуб, навидум лесни, но како што кажав токму кога се чини дека некоја екипа ќе помине лесно, изненадувањето е секогаш зад аголот. Да се надеваме најмалку на задржувањето на оваа бодовна предност пред нашите конкуренти.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] Челси – тотенхем

Во саботата се одигра уште едно дерби на Стемфорд Бриџ, можеби досега најважниот натпревар од ...