Tuesday , October 24 2017

Јас тргнувам во борба, вие доаѓате со мене!

Загревање

Почеток на јуни е, 2013-та година, сите верни фанови на Челси очекуваат само една вест што ја сонуваа цели 5 години од ремито против Розенборг на домашен терен во првиот меч од нешто што се испостави дека ќе биде нашата најуспешна дотогаш сезона во Лигата на Шампионите. Тогаш беше отпуштен човекот кој сите го гледавме како најголемо божество по препородбата на Челси. Сите ќе речат дека тоа беа милионите на Абрамович, но, зар нема доволно примери во поблиската историја во која милионите беа недоволни за успех од такви размери, за да се заклучи дека сепак централната фигура беше еден човек, Жозе Мурињо. Сега, таа историска неправда требаше и мораше да се исправи, бидејќи: „Дом е таму каде што луѓето те сакаат“.

Тоа и се случи, Жозе Мурињо беше вратен на кормилото на нашиот тим, а тие турбулентни претходни три сезони(иако во двете претходни ги освоивме Лигата на Шампионите и Лигата на Европа, но и не бевме ниту блиску до освојување на домашната титула) мораа да останат во архивите и да се започне со нова, мирна ера на доминација со англискиот и европскиот фудбал. Време беше за вклопување на сите коцки во шампионскиот тим кој се градеше.

По заминувањето на Дидиер Дрогба и останувањето со само два напаѓачи: Фернандо Торес(таков каков што е) и Демба Ба (кој беше донесен таа зима, просечен Премиерлигашки напаѓач кој можеше да помогне кога е неопходно, но ништо повеќе од тоа), видно беше местото на кое беа најпотребни засилувања доколку сакавме да стигнеме до успесите кои нашиот клуб треба да ги достигне. Но, наместо тоа, Жозе донесе три офанзивни играчи, но ниту еден класичен напаѓач, со што ги замисли сите. На тимот се приклучија Андре Шурле, Самуел Ето и Вилијан, а сите беа во исчекување на уште една класична “деветка“. Но, тоа не се случи, а истиот проблем се најде на левата бековска позиција која беше огромен проблем по заминувањето на уште една клубска легенда, Ешли Кол. Ниту една од тие две позиции не беше засилена и со тоа беше сосема јасно дека таа сезона ќе биде жртвувана. И покрај солидниот успех во Европа каде што бевме исфрлени во полуфиналето од Атлетико Мадрид, и покрај Премиер Лигата каде што на крајот не успеавме поради ефтини киксеви во кои повеќе од јасно се виде недостатокот на расни стрелци. Таа сезона беше жртвувана, а сите се прашувавме кој е толку вреден за сето тоа да се прави во негова чест?

 

Јас тргнувам во борба, вие доаѓате со мене!

 

Одговорот дојде веќе на почетокот на новиот трансфер период. Беше јасно дека времето на Торес, Демба Ба и Самуел Ето е завршено, а време беше за нешто ново, време беше за нов Дидиер Дрогба кој ќе не води до нова титула шампион на Англија.  На крајот на истата таа шампионска 2014-15,  Жозе Мурињо во негов стил рече: „Немаше потреба од трошење на големи средства за просечни напаѓачи, кога знаевме дека на крајот на оваа сезона ни доаѓа Диего Коста“. Симболично, заедно со него и Дрогба го напушти Галатасарај и се врати како херој, а тука беше и Реми да се потполни најдоброто трио напаѓачи во Премиер Лигата таа сезона. Ниту во еден момент, никој на светот што добро ја следи Премиер Лигата не се посомнева дека Челси ќе ја освои таа титула, никој во светот не се посомнева дека Диего Коста ќе го замени неговиот тогашен соиграч, Дидиер Дрогба, и никој во светот, вклучувајќи ме и мене, не сфати како Диего Коста заврши кај нас, за само 30 милиони фунти, во време на големите ајкули кои пливаат на трансфер пазарот, зголемувајќи ја цената на секој еден играч кој вреди и малку повеќе од просекот.

Веќе во првите натпревари ја покажа својата класа- 9 гола на првите 7 средби, вклучувајќи го овој против арсенал за запечатување на победата од 2-0

А не беше тешко да го сакаш тој човек, доколку не мора да се плашиш од него. Тоа беше истиот тој човек кој што плачеше како мало дете поради повредата на препоните кога неговите соиграчи гинеа на Камп Ноу во обидот да направат историски подвиг и да ги победат гигантите од Мадрид и Каталонија. Тоа беше истиот тој човек што стисна заби да заигра во финалето на Лигата на Шампионите и покрај тоа што имаше опасност да доживее повреда која ќе го оддалечи од фудбалот 6 месеци. Тоа беше тој човек со израз на лицето како сите бродови да му потонале, како да е немоќен, а само неколку моменти потоа ја забиваше топката во голот и ги уништуваше соништата на европските гиганти, еден по еден, вклучувајќи го и Челси. Тоа беше човек кој што за својот тим беше секогаш спремен да гине, да ги качи на своите плеќи сите тешкотии создадени било од противниците или од медиумите и да ги однесе до крајот, до шеснаесетникот, каде што беше неумолив. Го презираа сите, а тој им враќаше решетајќи ги нивните мрежи. Живееше во Англија цели 3 години, а не се потруди да го научи англискиот јазик, тој зборуваше на јазикот на фудбалот. Од фавелите во Бразил, истоварен на португалските пристаништа, преку Шпанија тој стигна на врвот на Европа. Од топлиот југ тој заврши во дождливиот Лондон, а сите работи кои не му се допаѓаа, тој ги исфрлаше на фудбалскиот терен. Беше дете, како сите нас, но во ист момент беше доволно возрасен да го стави тимот пред се.

 

Секогаш водеше бескомпромисна борба со противниците

 

На теренот тој беше неуништлив, незадржлив. Тој беше тука секогаш кога имавме потешкотии да го разбиеме противничкиот отпор. Во нашите две шампионски сезони, Диего беше способен сам да освојува по повеќе од 20 бодови давајќи важни голови, наоѓајќи го патот до противничката мрежа кога веројатно никој не би успеал во тоа. Неговиот прв гол падна во Љубљана, на асистенција на Цеск Фабрегас. Сето тоа се случуваше пред мои очи и тогаш го почувствував тоа што секогаш се чувствуваше во головите на Дрогба, сила, надмоќ, незадржливост. Можеби никој од тие 59 удари кои резултираа со погодок не беа посебно прецизни, не беа ништо специјално само по себе, но никој од тие 59 удари кои завршија во противничкиот гол не можеше да заврши со поинаков исход.

 

Еден од многуте клучни погодоци за освојување на 3-те бода

 

Сите ќе се сеќаваме на моментите кога иако беше повреден или суспендиран, на трибините, секогаш беше тука за да подели некој автограм на фановите, ќе се сеќаваме на неговите смешни гестикулации поради недостаток на знаење од англискиот јазик, на неговите моќни прослави на секој еден гол во нашиот дрес, на сите оние победи кои речиси сам ги донесе, и на нешто што никој од нас не очекуваше да биде последното видено од него во чест на нашиот клуб, лудувањето на Хоуторнс на 12-ти мај оваа година.

За крај, никој никогаш нема да дознае што се случи помеѓу него и нашиот менаџер, никој никогаш не треба да поверува на новинарските приказни, но треба да бидеме благодарни на која и да е сила што го донесе во Лондон и го задржа цели три години, од врвот до дното и потоа пак на врвот, за да замине како херој од Стемфорд Бриџ и да се врати во сончевиот Мадрид.

Секој од нас ќе ги памети неговите први зборови во соблекувалната во Кобам: „Јас тргнувам во борба, вие доаѓате со мене!“ 

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Најава] Патување на север

Загревање Во првиот меч од 14-тото коло  од Премиер Лигата, гостуваме на север во Манчестер ...