Tuesday , February 20 2018

[Најава] Челси – Барнли

Загревање

Овој викенд на Стемфорд Бриџ ни гостува една од трите промовирани екипи од Чемпионшип минатата сезона. И двата тима во овој меч влегуваат со победа во минатото коло, нашиот тим го совлада Вотфорд на гости со 2-1, додека пак Барнли го доби Ливерпул на домашен терен со 2-0.

Челси оваа сезона е една од четирите екипи со 100% учинок од првите два меча, а поради гол разликата пред нас се Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и неочекувано Хал Сити. Нашиот противник во овој дуел влегува со половичен ефект од една победа и еден пораз и се наоѓа на осмата позиција со 3 бода.

Двата тима имаа натпревар на средина на оваа недела во ЕФЛ Купот (лига купот), Челси го совлада Бристол Роверс со 3-2 додека пак Барнли беше исфрлен од Акрингтон Стенли со гол во 120-тата минута. Во третото коло на ЕФЛ Купот нашиот тим ќе гостува на актуелниот шампион на Премиер Лигата, Лестер Сити во колото кое што се игра на 19-ти и 20-ти септември.

Противникот одблиску

Менаџерот на Барнли, Шон Дајх е еден од ретките во модерниот фудбал што сеуште останаа верни на класичната британска игра од 90-тите со формација 4-4-2. Барнли е екипа која иако го освои трофејот во Чемпионшип минатата сезона, многу ретко доминираа во поседот на топката, што всушност се продолжува и оваа сезона, на првиот меч против Свонси на Турф Мур кој го загубија со 1-0 тие имаа 47,5% посед на топката додека натпреварот против Ливерпул го добија кога топката во своите нозе ја имаа само 19,6% од времето. Воглавном, нивната игра се базира на борбеност и деструктивна игра со просечно 8 до 9 играчи зад топката кои се движат и отскокнуваат на страната на која напаѓа противникот. Нивната борбеност посебно доаѓаше до израз во сезоната 2014-15 кога беа дел од Премиер Лигата на која што на 37 од 38-те мечеви во сезоната имаа покриено поголема дистанца од противникот, а единствениот меч на кој тоа не беше случај, против Вест Хем на неколку кола пред крајот, имаа играч помалку.

Неретко се обидуваат со брза трансформација преку 2-3 паса да стигнат до противничкиот гол при што можноста на напаѓачот на Велс, Сем Воукс како и на новото засилување Стивен Дефур да дадат завршен пас, а исто така и брзината на Андре Греј и Гудмундсон кој дојде од Чалтон го прават нашиот следен противник многу опасен при контра напади. Греј минатата сезона беше најдобар стрелец во фудбалската лига на Англија (Чемпионшип, Лига 1 и Лига 2), со постигнати 25 гола и покрај доста дефанзивниот пристап на тимот и фактот што не ги изведуваше пеналите на почетокот на минатата сезона.

Сепак, најголемата опасност од Барнли е при прекини и високи топки. Тука по својот квалитет отскокнуваат стоперите Мајкл Кин и Бен Ми (кој што постигна гол од корнер на Стемфорд Бриџ во ремито 1-1 во февруари 2015-та), како и напаѓачот Сем Воукс кој впрочем стрелаше со глава против Куртоа во четврт-финалето на европското првенство за Велс.

Сепак, нивната слабост е добрата игра на противниците во воздух, на првиот меч против Свонси му дозволија на Фернандо Љоренте дури 5 удари со глава во шеснаесетникот, а по една таква ситуација одбраната на Том Хитон не успеа да ја расчисти одбраната и Лирој Фер го постигна победоносниот гол. Со Диего Коста и Мичи Бачуаи како напаѓачки опции, ќе имаме доста можности да им наштетиме од такви ситуации.

Репрезентативниот голман на Англија, Том Хитон е од огромна помош на одбраната на Барнли. Имено, тој имаше 12 одбрани на претходните два меча што е најдобар ефект во лигата, дури 3 повеќе од Бен Фостер и Адриан.

Тимот нема скоро никаква креативност од средината на теренот иако нивното рекордно засилување Стивен Дефур покажува потенцијал за такво нешто. Се што треба е да се спречат контра-нападите и тоа ќе ни овозможи со само еден гол практично да го добиеме мечот.

Како до победа?

Нашиот тим на претходните два меча се мачеше против објективно послаби противници, но минатата сезона покажа дека во Премиер Лигата нема слаби противници. Дуелите од тој тип минатата сезона најчесто ги завршувавме со губење бодови иако често бевме подобар противник. Овој пат, Антонио Конте покажа дека има план Б во таква ситуација. Тој брзо ја трансформира формацијата во 4-4-2 или 4-2-4 како што е во фазата на нападот, формација која најчесто ја користеше во предсезоната. Сепак, да се надеваме дека овој пат нема да се одвиваат работите така да мора да ја користи таа формација.

Нашата надмоќ во однос на Барнли е на средината на теренот. Но, тоа го знае и Шон Дајх и тој ќе се обиде да ги повлече своите трупи во шеснаесетникот и околу него и да постави зона која е многу тешко да се растури. Но, еден гол менува се, а Челси ќе има 90 минути да го постигне тој гол. Клучот до победата е во тоа колку добро нашите бекови ќе ја шират одбраната со уфрлувања од втор план, како и употребливите топки во воздухот за Диего Коста.

Оскар беше дел од стартните 11 на првите два меча кога ни требаше цврстина на средината на теренот, но овој пат тој би можел да биде заменет со Фабрегас кој импресионираше во последните моменти од дуелот со Вотфорд кога асистираше за победоносниот гол на Коста како и против Бристол во вторникот, со цел екипата да добие на креативност. Немања Матиќ ќе се обиде да навлече некој играч на него во својата нова рола која ја игра под водство на Конте, кога тој дејствува “box to box”, дури би можел да биде корисен и во шеснаесетникот со својата импозантна височина. Канте би останал зад нив да ги спречува контрите на противникот како на претходните мечеви. На крилата би требало да почнат Азар и Педро (доколку Вилијан сеуште не е спремен), но и доколку тој има дозвола од медицинскиот тим да настапи, нашиот втор стрелец во лигата минатата сезона Педро би требало да го заземе неговото место поради можноста да дејствува поофанзивно. Нашите прекини се голема шанса за Ивановиќ, Тери, Кејхил, Матиќ и Диего Коста, а она што треба да се избегнува се шутевите од далечина. Ливерпул минатиот меч упати 26 удари од кои голем дел беа од надвор од шеснаесетникот, а и оние што завршија во рамките на голот, Хитон без поголеми проблеми ги одбрани.

Имаме историја

Во ерата на Премиер Лигата овој меч ќе биде петти лигашки, а шести вкупно, претходните четири во лигата се од сезоните 2009-10 и 2014-15 кога бевме шампиони, а исто така имаме и меч во Лига купот, на пенали во сезоната 2008-09 кога Барнли стигна до полуфиналето и беше на само неколку минути од финале на Вембли бидејќи водеше против Тотенхем но сепак екипата од северен Лондон се пласираше во финалето.

На претходните 4 меча во Премиер Лигата имаме три победи и еден нерешен резултат. Прв пат ги пречекавме во Премиер Лигата во август 2009-тата, во третото коло, исто како оваа сезона. Тогаш славевме 3-0 со головите на Анелка, Балак и Ешли Кол. Во вториот меч таа сезона на Турф Мур, голот на Анелка го врати Стивен Флечер после еден очигледен фаул над Алекс кој се обидуваше да ја исфрли таа топка, но Џон Тери ја донесе победата во 82-та минута, на огромна радост на вашиот колумнист бидејќи во тие моменти се водеше војна против нашиот капитен на островот поради приватните контроверзи. На крајот ја освоивме титулата со импресивни 103 постигнати гола.

Пред година ипол кога се сретнавме на Стемфорд Бриџ, нашиот тим поведе со голот на Ивановиќ, во меѓувреме не беа досудени 2 пенали за Челси, а Ешли Барнс при еден ужасен старт над Матиќ не беше санкциониран со црвен картон по што Матиќ реагираше и го оттурна Барнс при што беше исклучен и поради тоа немаше право да настапи и на финалето на Лига Купот против Тотенхем 2 седмици подоцна. Казната стигна преку Бен Ми кој го израмни резултатот по еден корнер. На крајот на сезоната Челси ја освои својата четврта титула во Премиер Лигата, пета вкупно во првиот ранг на натпреварување во Англија, а Барнли испадна како претпоследен на табелата.

Најголема победа на Челси: 6-1(21.09.1957)
Најголема победа на Барнли: 6-1( 27.09-1913), 5-0(22.10.1921), 5-0 (10.03.1956)

Моментот од различни преспективи

Овој меч доаѓа во добар момент за двата тима. За Челси, победа на овој меч ќе значи да се отиде на интернационалната пауза со максимален учинок, прв пат по сезоната 2014-15 кога станавме шампиони. Нашиот следен меч е против Свонси на Либерти стадионот така што би можеле потенцијално да стекнеме голема залиха на бодови пред двата тешки дуели против Ливерпул и Арсенал кои следат потоа. Во вторникот Конте излезе со измешани карти така да не би требало да има проблеми со замор на играчите. Од оние кои треба да го почнат мечот со Барнли , Ивановиќ, Кејхил, Аспиликуета, Матиќ и Фабрегас одиграа повеќе од 60 минути додека Тери и Азар влегоа при крајот на мечот. Единствен проблем може да биде тоа што Ола Аина не можеше да го заврши мечот против Бристол Роверс што значи дека доколку тој не е фит, Антонио Конте останува со само 4 дефанзивни играчи за избор за овој дуел.

Од друга страна пак, Барнли зема заслужени 3 бода во претходното коло и нема да се остварат најголемите стравови на нивните навивачи, да отидат со 0 бодови на интернационалната пауза. И доколку го загубат овој меч, тие би требало да се најдат некаде на средината на табелата што е солиден учинок после 3 кола ако се земе в предвид дека Барнли заедно со Борнмут, Сандерленд, Хал и Свонси се најголемите фаворити за испаѓање од лигата. Незгодни за нив можат да бидат проблемите на најдобриот стрелец Андре Греј со Фудбалската Асоцијација на Англија поради неговите хомофобни изјави на Твитер од пред 4 години. На 31-ви август ќе се одреди казната и дали таа ќе биде парична или ќе резултира со бан од фудбалските терени. Тренерот Шон Дајх на располагање би требало да ги има сите играчи, вклучувајќи го и Ешли Барнс кој се очекува да се врати од повреда.

Кои 22 ќе истрчаат на теренот?

ChelseaЧелси би требало да почне со 4-1-4-1 односно 4-1-2-3 формација поради можноста да се нападне противникот низ сите 90 минути. Единствената измена во однос на претходниот меч се очекува да биде Фабрегас на местото на Оскар со цел да се добие на креативност во напаѓачката третина, она што видно ни недостасуваше на претходните 2 натпревари на кои главен креатор беше Еден Азар од крилната позиција. Се очекуваат многу уфрлања по крило на Ивановиќ, Аспиликуета и Педро додека топката најмногу ќе биде во нозете на Фабрегас и Азар. Ќе ни биде преку потребна добра реализација на Диего Коста кој што ќе се обиде да се одржи во чекор со Агуеро и Ибрахимовиќ кои што имаат еден гол повеќе од него оваа сезона. Џон Тери, Кејхил и Канте ни ја даваат потребната цврстина која ја немавме минатата сезона, но сепак индивидуалните грешки на Ивановиќ против Вотфорд и на Вилијан против Вест Хем кога не беа решителни при нафрлените топки го расипуваат учинокот на нашата одбрана.

Burnley Барнли излезе во овој состав на претходниот меч и по победата од 2-0 против Ливерпул, тешко дека Шон Дајх ќе се реши нешто да менува. Новото засилување Дефур се очекува да го почне и овој натпревар додека Гудмундсон ќе внесе свежина во второто полувреме. Фланаган кој што е на позајмица од Ливерпул е конечно спремен за настап и можеби тој ќе го заземе местото на левата бековска позиција, но мислам дека Дајх ке продолжи со Ворд кој што беше солиден на првите два меча како и пред тоа на европското првенство за Ирска. Долг низ години Дајх и Барнли ја практикуваат оваа формација, со мали измени бидејќи во претходниот случај кога беше дел од Премиер Лигата, Дајх ја ротираше формацијата со Дени Ингс како единствен напаѓач што не се покажа како успешно на крајот на сезоната.

Останатите се во акција

Во ова трето коло во Премиер Лигата има неколку интересни натпревари кои освен нашиот, не би требало да се пропуштат. Колото почнува со еден интересен дуел на два тренери од новата генерација кои донесоа нова слика за Премиер Лигата. Тотенхем го пречекува Ливерпул во еден меч што би требало да биде двобој на топ 6 екипи оваа сезона. Даниел Стариџ се врати од повреда и повторно е во топ форма, додека за Тотенхем сеуште се отсутни Дембеле и Уго Лорис.

Саутемптон го пречекува Сандерленд во дуелот на југот и северот откако двете екипи беа рутински надиграни од Манчестер Јунајтед односно Мидлзброу претходното коло. Кристал Палас и Борнмут ќе истрчаат на Селхурст Парк, два тима без бодови за кои овој меч може да биде “6-pointer” на крајот на сезоната, иако Кристал Палас има квалитет за топ 10, оваа 2016-та година е кобна за нив. Евертон се очекува да продолжи со добрите игри оваа сезона, овој пат Стоук гостува во Мерсисајд. Шампионот Лестер ја бара првата победа во новата сезона на домашен терен против Свонси, можеме да видиме дали Варди и Марез конечно ќе го започнат својот танц. Уште една екипа со катастрофален почеток ја бара првата победа оваа сезона, иако тоа ќе биде многу потешко да се оствари. Арсенал гостува на Викериџ Роуд кај Вотфорд кој два пати на првите два меча поведе преку головите на Капу, а освои само 1 бод од можните 6.

Сепак, за нас најинтересно ќе биде во Јоркшир во сабота во 18:30 часот кога Хал Сити го пречекува Манчестер Јунајтед. Дали тигровите ќе продолжат како на првите два меча со неверојатни изненадувања или пак генијалноста на Моу ќе го означи почетокот на крајот на таа луда серија.

Во центарот на Англија Вест Бром го дочекува Мидлзброу, еден меч на кој се сретнуваат многу слични школи, Тони Пјулис и Аитор Каранка се очекува да одиграат тврд натпревар, но неретко баш таквите дуели го покажуваат целиот сјај на Премиер Лигата.

Колото завршува во Манчестер кога Сити го пречекува Вест Хем во уште еден натпревар кој се очекува да биде многу атрактивен. Во претходните сезони Вест Хем му создаваше огромни проблеми на Сити и на Етихад и на стариот Аптон Парк, дали ќе продолжи таа традиција или Гвардиола ќе го надигра Славен Билиќ.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] И тогаш станаа осум…

И тогаш станаа осум… Осум победи по ред во Премиер Лигата. Токму тогаш кога се ...