Tuesday , February 20 2018

[Најава] Свонси – Челси

Загревање

Нашиот следен натпревар е во Велс на Либерти Стадионот против Свонси. Нашиот тим го продолжи 100% учинок па сега сме на 9 бодови од 3 натпревари. Нашиот противник пак, откако минимално го совлада Барнли во првото коло на Турф Мур, забележа порази во двата следни меча против Хал Сити и Лестер Сити. Пред почетокот на сезоната, Свонси беа еден од моите 5 фаворити за испаѓање заедно со Сандерленд, Борнмут, Хал и евентуално Барнли, па според тоа, би требало да очекуваме добар натпревар на нашиот тим.

Противникот од блиску

Свонси Сити е единствениот тим од Велс во Премиер Лигата. Тие беа релативно стабилен премиерлигаш откако беа промовирани во 2011-тата година, а редовно беа најпријатно изненадување во лигата. Меѓутоа, Свонси од назначувањето на Гери Монк за нивен менаџер неколку дена откако ја заврши кариерата во истиот клуб, се чинеа како одличен проект, со млади играчи и менаџер, спремни да траат уште најмалку 5-6 години како тим од средината на табелата. Меѓутоа, наместо тоа, на средина на минатата сезона на Гери Монк му беше врачен отказ, сега тој е менаџер на Лидс Јунајтед, а Свонси се повеќе тоне под водство на Гуидолин. Редовно во последните неколку сезони, тие до Божик обезбедуваа опстанок, а потоа во јануари ги продаваа своите најдобри играчи и играа без притисок до крајот на сезоната, а потоа секогаш наоѓаа некое ново откровение како Мичу, Сигурдсон, Бони во летниот преоден рок и повторно беа конкурентни во Англија.

Овој пат тоа е многу различно и баш затоа мислам дека скапо ќе ја платат цената на нетрпеливоста на нивните сопственици со Гери Монк. Имено, откако во јануари заминаа нивниот клучен играч, Џонџо Шелви во Њукасл, тие не најдоа адекватна замена за него, а оној кој требаше да ја игра таа улога, Лирој Фер, е сосема друг тип на играч од оној кој им е потребен. Алберто Палоши беше огромно промашување во јануари, а од тимот заминаа и другите два напаѓачи, Едер и Гомис на позајмица во Марсеј. Нивниот капитен и водич на одбранбената линија Ешли Вилијамс исто така го напушти Либерти стадионот, но најтешкиот удар дојде по трансферот на Андре Ају во Вест Хем, и бројните позајмици што во Лидс кај нивниот претходен менаџер, што во Европа. Тимот од Велс како засилувања ги доведе Борха Бастон, како трансфер рекорд на клубот кој не можеше да го најде своето место во Атлетико Мадрид, Алфи Мосон од Барнсли кој имаше солидна сезона, но сигурно не вреди 5 милиони фунти колку што го платија, Лирој Фер кој веќе беше на позајмица, Ван Дер Хорн од Ајакс како замена за Вилијамс и Фернандо Љоренте од Севиља, според мене најдобриот потег на Свонси.

Одбраната можеби е најсилен дел од тимот, единствениот со добра ротација. На левата бековска позиција ги имаат Кингсли кој што можевме да го гледаме против младата селекција на Македонија пред недела дена, кој беше солиден на почетокот на сезоната кога доби шанса поради долгиот престој на Нил Тејлор и неговиот Велс на европското првенство. На стоперските позиции исто така имаат солидни фудбалери, а стартери се очекува да бидат Федерико Фернандез и Ван Дер Хорн или Амат. На десната бековска позиција е Кајл Нотон, но, како се оди понапред, проблемите почнуваат.

Џек Корк, кој веројатно сите го знаеме како млад играч на Челси, Лирој Фер, Ки и Леон Бритон се кандидати за тие две места кои треба да ги поврзат средината и одбраната, но проблемот е во тоа што Џек Корк е единствениот на кој дефанзивата му е посилна страна, но ниту тој не треба да ги задоволи критериумите на еден тим во Премиер Лигата. Во предните 3 играчи во формацијата 4-2-3-1 во која што настапуваат, Гулфи Сигурдсон е неприкосновен како стартер на таа позиција “број 10“. По крилата имаат ротација со Вејн Ратлиџ, Џеферсон Монтеро, Натан Даер, Модоу Бероу, но мораме да признаеме дека овие играчи се од калибар на средина на табелата во Чемпионшип.

Нападот е тенок, со Борха Бастон и Фернандо Љоренте како единствени напаѓачи што можат да бидат од корист, но на ниво на целата сезона, на ниво на 38 мечеви сето тоа е премалку.

Од тим со игра на посед кој што знаеше да доминира и против посилните и побогатите од себе, се претворија во екипа која не може да игра на друг начин освен директен фудбал, со многу центаршутеви на Љоренте. Нивниот најголем проблем е тоа што немаат одреден идентитет, премногу играчи со различни карактеристики и тоа може да биде огромен проблем при вметнување на било која филозофија на играта. Најдобрата опција за нив би била да ја сменат формацијата во 4-4-2 дијамант, со цел да дојдат до израз способностите на Сигурдсон како нивен најдобар играч. Бастон и Љоренте се играчи кои се надополнуваат еден со друг, а да се наполни средината на теренот со дури 3 играчи и со box-to-box карактеристиките на Ки и на Лирој Фер, како и офанзивноста на бековите Нил Тејлор и Кајл Нотон, овој тим би можел да се бори за опстанок, а единствениот проблем би бил евентуална повреда или замор на еден од предните 3 играчи поради недостаток на замена.

Како до победа?

Нашиот тим е во одлична форма, се чини дека новиот систем е поставен и одлично функционира, имаме малку слабости, а пак нашата перфектна ротација ја прикажав во анализата на трансфер пазарот. Основата е поставена, во овие 10тина дена би требало новите засилувања да го најдат своето место во тимот и забавата може да почне. Нашите 11 би требало да бидат исти како против Барнли, како награда за одличниот резултат и игра. Начинот на кој ќе дејствуваме исто така би требало да биде сличен, високо низ теренот ќе се бара топката од противникот и нема да му се дозволи да игра со неа.

Доколку се одлучат за “паркирање на автобусот“ мислам дека нивната одбрана ќе попушти, што поради нашите убиствени напади, што поради лошата воиграност, тука треба да се почувствува заминувањето на нивниот командант Ешли Вилијамс. На другиот дел од теренот не би требало да имаме проблем, единствено може да се случат компликации на нашата десна страна на одбраната поради се поголемиот недостаток на брзина и мобилност на Бранислав Ивановиќ, минатата сезона Џеферсон Монтеро беше кобен по него. Не би требало да се плашиме од некоја контра бидејќи Канте и Матиќ до сега одлично се справуваа со таквите ситуации, а и Оскар беше редовно тука да помогне. Доколку пак, нашиот менаџер се одлучи за Давид Луиз на местото на Џон Тери, мислам дека заедно со Кејхил можат да бидат и тоа како опасни по противничкиот гол и по земја и во воздух.

Целта ќе биде ран погодок кој ќе ни дозволи да играме на посед и лесно да се справиме со противникот, а при секоја најмала дупка во одбраната, брзината на Азар ќе биде кобна.

Имаме историја

Сигурно сите ја паметиме перфектната победа во јануари 2015-та од 5-0, меч на кој што Андре Шурле го постигна својот последен гол во нашиот дрес. Додека на домашен терен сме речиси перфектни, на останатите гостувања во Премиер Лигата на Либерти стадионот не бевме импресивни, со две нерешени средби од по 1-1 во првите 2 сезони од учеството на нашиот противник во Премиер Лигата, и една победа од 0-1 во 2014-тата година, со гол на Демба Ба. Минатата сезона во Велс загубивме со 1-0.

Исто така се сретнавме против Свонси во Лига Купот, а гостувањето во реваншот го паметиме по неславниот црвен картон на Еден Азар и испаѓањето во полуфиналето со вкупен резултат 0-2 од Лондон, по што Свонси замина на Вембли и го освои купот таа сезона. Вкупно, на 12-те мечеви во претходните 5 сезони имаме 6 победи(4 од кои се на Стемфорд Бриџ), 4 нерешени и 2 порази.

Ако погледнеме подлабоко во нашата историја, последниот меч пред 2011-тата година е дури 28 години порано, во старата втора дивизија во 1983-тата година што воедно е и нашата најголема победа, 6-1.

Најголема победа: 6-1 (06.12.1983), 5-0 (16.01.2015)
Најтежок пораз: 0-3 (25.03.1981), (12.03.1930)
Меч со најмногу голови: 6-1 (06.12.1983)

Моментот од различни преспективи

Овој меч доаѓа во перфектен момент за сините поради својот 100 % учинок до сега, но исто така и поради фактот што ова е прв меч по интернационалната пауза, како генерална проба пред да се сретнеме со Ливерпул на Стемфорд Бриџ, Лестер Сити на Кинг Пауер стадионот и арсенал на емирати. Во месец август имаме само победи, како на премиерлигашките 3 натпревари, така и на пријателските против Милан и Вердер и дуелот против Бристол Сити во рамките на ЕФЛ купот. Немаме проблеми со повреди, нашата одбрана е засилена и 10-те дена пред овој дуел за Давид Луиз и Маркос Алонсо може да бидат само добра работа. Во меѓувреме интернационалците од нашите редови одиграа по 2 (воглавном нецели) натпревари, но има доволно време за одмор пред настапот во Велс.

Нашиот противник е во лоша ситуација, тие имаат два порази по ред во Премиер Лигата и се наоѓаат на 14-тото место. Нивното рекордно засилување Борха Бастон е неизвесен за настап на овој меч, а освен него немаат други повреди. Овој меч е почеток за еден ужасен распоред за Свонси во следните 5 меча, кога ќе се сретнат со Челси, Сити и Ливерпул на домашен терен како и со Саутемптон и Арсенал на гостински, а ако се сетиме дека претходниот меч беше против Лестер на гости кој го загубија, ждрепката на распоредот и не им беше многу наклонета.

Кои 22 ќе истрчаат на теренот?

%d1%87%d0%b5%d0%bb%d1%81%d0%b8

Во нашиот клуб не би требало да има промени во однос на претходните мечеви, единствена дилема е на стоперските позиции каде имаме 3 опции во Тери, Луиз и Кејхил. Ивановиќ би требало да почне на десната , а Аспиликуета на левата страна. Во средината исто така дилемата е меѓу Оскар и Фабрегас, но мислам дека Оскар се повеќе го зацврстува своето место во првиот тим во однос на шпанскиот интернационалец. Маркос Алонсо и Давид Луиз би можеле да го добијат своето деби од клупата, а шанса од таму ќе се надеваат да добијат и Виктор Мозес, Педро и Мичи Бачуаи.

%d1%81%d0%b2%d0%be%d0%bd%d1%81%d0%b8

Тимот на Свонси би требало да изгледа вака, во формација 4-2-3-1. Нил Тејлор најверојатно ќе се врати на левата позиција, а освен него и Џеферсон Монтеро на местото на Ратлиџ, не би требало да има други измени во однос на претходниот меч против Лестер Сити. Од клупата ќе чекаат шанса Ван дер Хорн, Ранхел, Кингсли, Ки, како и младиот напаѓач МекБурни.

Останатите се во акција 

Веќе во четвртото коло доаѓа оној меч кој сите го чекаат, дербито на Манчестер. Колото почнува со тој дуел, со што продолжува традицијата од претходниот викенд кога се сретнаа Ливерпул и Тотенхем во овој термин од 13.30. Ова може да биде најскапиот меч во историјата, со преку 600 милиони фунти потрошени на играчите на двата тима.

Во 16 часот на програмата се дури 6 натпревари, а најдобриот натпревар би требало да се одигра на емирати каде арсенал го пречекува Саутемптон. Прашањето е дали конечно венгер ги склопи сите коцки и дали ќе успее да се надоврзе на победата над Вотфорд минатото коло. За Саутемптон би можел да дебитира Буфал, рекордниот трансфер за нив. Особено интересно ќе биде на дното на табелата бидејќи Борнмут на југот го пречекува ВБА за кој би требало свое деби да има Насер Чадли, Барнли на Турф Мур ќе го дочека Хал, меч на два промовирани тима од Чемпионшип минатата сезона, а би требало да настапат Џеф Хендрик и Патрик Бамфорд за Барнли како и неколкуте засилувања на Хал Сити. Алан Пардју и неговиот Кристал Палас гостуваат кај Мидлзброу на северот на Англија. Тотенхем гостува кај изненадувачки последно пласираниот Стоук.

Ливерпул и Лестер ќе го одиграат другото дерби ова коло кое секако ќе остане во сенка на клубовите од Манчестер. Интересно за овој дуел е што Даниел Стариџ би требало конечно да биде спремен за прв настап оваа сезона. Ислам Слимани би требало за прв пат да настапи во дресот на лисиците откако беше донесен како огромно засилување од Спортинг.

Во понеделник на програмата е гостувањето на мерсисајдските сини кај Сандерленд на северот на Англија, два тима со дијаметрално спротивни сезони до сега и ќе биде интересно дали карамелите ќе успеат конечно да одиграат една сезона како што се очекува од нив.

Што треба да се очекува по ова коло?

Прилично реално очекување за нас е да избиеме 2 бода пред ривалите од Манчестер со победа во Велс и нивен нерешен исход на Олд Трафорд. Евертон би можел да им се приклучи со 13 бода на делба на втората позиција.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Најава] Во турнеја по историја

Загревање Доаѓа Божик, распоредот е се погуст. Во овие 7 дена имаме 3 натпревари, од ...