Monday , December 18 2017

[Најава] Патување на север

Загревање

Во првиот меч од 14-тото коло  од Премиер Лигата, гостуваме на север во Манчестер каде што ниту една екипа нема победа од септември, дури ниту Манчестер Сити и нивниот ривал Манчестер Јунајтед. Веќе срушивме една низа минатиот викенд, па зошто да не и овој пат. Нашите гостувања во синиот дел од Манчестер неретко имаа големо значење во последните сезони, особено откако Манчестер Сити се издигна од пепелта во која беа до пред помалку од една деценија. Ние ќе се обидеме да ја продолжиме неверојатната серија од 7 победи и можеби да се ставиме на првото место на листата на фаворити за титулата оваа сезона, нешто што нашиот утрешен противник беше уште од пред почетокот на сезона и ќе биде доколку оствари позитивен резултат на следниот меч. Овој натпревар е од особена важност поради фактот дека третиот клуб кој што се наоѓа во трка за титулата, Ливерпул, во недела гостува на јужниот брег кај Борнмут, тешко гостување што може да значи дополнително одлепување на врвот доколку некоја од двете екипи победи на Етихад.

Бранислав Ивановиќ ја донесе последната победа на Челси на гости кај Манчестер Сити, време е за нов херој во сабота?
Бранислав Ивановиќ ја донесе последната победа на Челси на гости кај Манчестер Сити, време е за нов херој во сабота?

Противникот од блиску

Манчестер Сити во последните 7-8 години е еден од најатрактивните тимови во светот, особено по доаѓањето на Пеп Гвардиола на местото на нивен менаџер пред почетокот на оваа сезона. На стартот почнаа монструозно, на првите 5 мечеви воспоставија теренска доминација каква што не е видена до сега во Премиер Лигата. Но, да започнеме од почеток.
Тие во летниот преоден рок донесоа неколку засилувања по мерка на Гвардиола. Еден голман и еден стопер што знаат да играат по земја во Клаудио Браво односно Џон Стоунс, не засилувајќи ги своите бековски позиции иако веројатно тие, што поради годините што поради формата, се најслабите алки во тимот на Манчестер Сити. Во средината беа донесени Ѓундоган, како box to box играч од средината, а исто така со планови за првиот тим беше донесен Нолито од Селта по солидниот настап на европското првенство.
На првите 6 натпревари се функционираше беспрекорно. Гвардиола воспостав доминација на теренот и немаше ниту малку простор за противниците. Нападите ги почнуваат така што стоперите се шират на 30 метри еден од друг, меѓу нив се враќа дефанзивниот играч за врска, а бековите дејствуваат пред нив, од таму топката ја презема Давид Силва и тогаш почнува вистинската опасност за противниците. Стерлинг и Нолито се движат брзо и непредвидливо, Де Брујн и Силва креираат а пак Агуеро е задолжен за завршницата , нешто што го прави беспрекорно. Но, тоа беше така се додека не почнаа проблемите. Најпрвин Агуеро заради неверојатна глупост, удар со лакт над Винстон Рид од Вест Хем беше суспендиран на 3 натпревари. Тие ги добија трите натпревари, но се виде дека нешто почнува да недостасува во нивната игра, јас би рекол да има вишок.
Вишокот е тоа што во опасната зона, на 30-40 метри од својот гол, повеќе никој во Англија не остава лесен проток на топката и организација на нападите, а Гвардиола токму од таа област планира да ги започнува своите напади. Сепак, тоа е сеуште случај во Германија и Шпанија каде што Гвардиола ги водеше своите “супер тимови“. Во тој смртоносен појас се случуваа многу грешки, почнувајќи од Фернандо и Фернандињо, два играчи кај кои се помалку ја гледам смислата на секој следен нивен натпревар, продолжувајќи преку Отаменди и бековите кои не се ни малку креативни и во никој случај не можат да ги исполнат обврските на Гвардиола од почетокот на сезоната кои пред година дена ги имаа Кимих и Алаба (воочете ја разликата кога во сегашниот тим ги има Клиши и Сања) , а пак најголемата штета на овој клуб е нанесена токму од страна на играчот за кој се одвоени најмногу средства ова лето, играчот кој што треба да е столб во одбраната на Гордиот Албион, Џон Стоунс. Веројатно во синиот дел на Мерсисајд задоволно ги тријат рацете правејќи зделка на векот, дадоа преценет стопер, а со тие исти средства го донесоа Боласи, еден од подобрите афрички играчи во ПЛ, а згора на тоа и Ешли Вилијамс, столбот на велшката репрезентација која, да биде уште посмешно, стигна подалеку од англиската на минатото европско првенство, во која Стоунс ја грееше клупата. Но сега сум тука за да пишувам за Манчестер Сити.
По поразот од тотенхем, натпревар на кој изгледаше како да играат две екипи од различен ранг, нивната игра потполно се распадна. Не успејаа да го добијат Евертон на домашен терен, иако имаа два пенали (само неколку кола потоа Карамелите гостуваа на Стемфорд Бриџ и примија 5 гола), Саутемптон на домашен терен (во следното коло Челси гостуваше на Сент Мерис и славеше со 0-2), а потоа и Мидлзброу исто така на домашен терен. На теренот на кој утре ќе ги вкрстиме копјата, немаат победа на последните 3 меча, сите против екипи што Челси со леснотија ги доби.
Гвардиола се мачи, го менува составот, веќе Џон Стоунс и Ѓундоган не се ниту на клупата, а мораше да го врати Јаја Туре од “мртвите“, по толку кавги меѓу нив двајца, што во Барселона, што во Манчестер Сити, од кои дел излегоа и во јавноста, за да почне да победува, односно да го совлада Кристал Палас пред 2 викенда и Барнли на последниот меч, и двата на гости со 1-2. На мечот против Барнли минатата сабота, тимот изгледаше катастрофално, немаа концепт како да ја пробијат солидната одбрана, а головите што ги постигнаа беа во најмала рака случајни, односно сплет на неспретната интервенција на голманот Пол Робинсон и неговата одбрана како и снаодливоста на Серхио Агуеро. Одбраната пак сеуште делува смешно, а својата мрежа ја имаат сочувано на 5 натпревари во сите натпреварувања (два во Премиер Лигата), на вкупно 22 меча, ако се сметаат и квалификациите за ЛШ, како и лига купот.

Неговиот менаџер нема многу причини за задоволство - Џон Стоунс не ги оправда вложувањата
Неговиот менаџер нема многу причини за задоволство – Џон Стоунс не ги оправда вложувањата

Како до победа? 

Веројатно предноста на Манчестер Сити во средината е преголема за да можеме да се натпреваруваме во поглед на поседот на топката, но карактеристиките на нашите играчи се такви што можеме да ги притиснеме онаму каде што се најслаби, на нивната половина. Диего Коста и Серхио Агуеро се двата најдобри стрелци во лигата со по 10 гола, но сепак најверојатно нема да има премногу атракција и голови на овој меч. Контра нападите се нашето најопасно оружје на овој меч како и контра-пресингот, а доколку ја преземат иницијативата на нашата половина, имаме доволно ресурси за да се одбраниме од опасните Нолито, Агуеро и Стерлинг или Сане, во зависност кој ќе биде по десната страна поради малата повреда на Стерлинг.

Доколку успееме да го задржиме, значително ги зголемуваме шансите за победа- има постигнато 6 гола во Премиер Лигата против нашиот тим
Доколку успееме да го задржиме, значително ги зголемуваме шансите за победа- има постигнато 6 гола во Премиер Лигата против нашиот тим

Имаме историја

Кога ќе се спомене Манчестер Сити, ми доаѓаат измешани емоции. Додека сум сведок на дуелите помеѓу овие два клуба, доживеавме највисоки височини и најниски падови. Секако најсветла точка е победата од 6-0 на Стемфорд Бриџ пред 9 години, 8-те победи по ред против Сити во тој период, а исто така и оние две пред две сезони кои сепак не ни ја донесоа титулата која ја изгубивме на “малите натпревари“, но речиси сите добри моменти во последните неколку сезони се случија на Стемфорд Бриџ. Лошите сеќавања пак ме носат назад до поразите од 4-2 и 2-1 во нашата шампионска сезона 2009-10, иако два пати поведувавме на тие мечеви, поразот во полуфиналето од ФА Купот на Вембли пред 4 сезони, а дали некој може да го заборави најболниот момент од 21-ви септември 2014-тата, кога поведовме со 1-0 со голот на Шурле, токму на Етихад, а во последните моменти од натпреварот Френк Лампард го изедначи резултатот и иако станавме шампиони таа сезона, со неверојатна доминација, тој момент беше еден од најтажните за мене во овие 17 години како го следам нашиот клуб.  Нашиот тим е секако поуспешен во историјата со 64 победи наспорти 52-те на Манчестер Сити, но таа статистика беше многу поубедливо на наша страна пред 7 години, а од тогаш имаме скор од 7 победи, 3 нерешени и дури 10 порази во сите натпреварувања. Во ерата на Премиер Лигата пак имаме 22 победи, 9 порази и 7 нерешени исходи.

Најубедлива победа: Челси 6-0 Манчестер Сити (27.10.2007)
Најтежок пораз: Манчестер Сити 6-2 Челси (26.11.1977)
Натпревар со најмногу погодоци: Челси 6-3 Манчестер Сити (19.11.1960)

 

lamps-2014
Стрелците на головите на натпреварот на 21-ви септември 2014-та година. Франк Лампард го изедначи резултатот откако влезе како резерва и му донесе бод на Сити

Моментот од различни перспективи

Фановите на двата тима имаат право да се надеваат на триумф на овој натпревар. Ние имаме 7 победи по ред во Премиер Лигата, додека пак нашиот противник е непоразен на последните 6 меча во сите натпреварувања. Диего Коста и Агуеро влегуваат во овој меч изедначени на врвот на листата на стрелците, а токму еден од нив може да ја реши оваа пресметка и да ја заврти трката за титулата на една или на друга страна, иако е сеуште рано да се размислува за такво нешто. Што се однесува до повредите, за Челси нема да бидат во комбинација Џон Тери, Курт Зума и Џон Оби Микел, додека пак само капитенот Компани ќе биде отсутен поради повреда кај нашиот опонент. Тибо Куртоа ќе се обиде да ја зачува својата мрежа по 8-ми, најдобар пат во лигата. На спротивната страна Навас има само 2 такви натпревари.

Некогашни соиграчи во Атлетико Мадрид, сега ривали за најдобар стрелец во Премиер Лигата, ќе се сретнат на Етихад во сабота
Некогашни соиграчи во Атлетико Мадрид, сега ривали за најдобар стрелец во Премиер Лигата, ќе се сретнат на Етихад во сабота

Делители на правдата

Ентони Тејлор ќе означи почеток на овој меч во сабота од 12.30 по локално време. Оваа сезона во Премиер Лигата има доделено 39 жолти картони, а ниту еден црвен. Иако, најблиску до тоа беше Диего Коста на првиот меч против Вест Хем кога го фаулираше противничкиот голман иако имаше жолт картон, а Тејлор му прогледа низ прсти. Освен на тој меч, уште ја делеше правдата во нашата победа против Хал Сити на гости со 2-0 кога оваа серија од 7 победи започна. Тој до сега има досудено 4 пенали на 11 мечеви. Диего Коста и Давид Луиз се под закана од суспензија и доколку добијат жолт картон нема да можат да настапат против ВБА следниот викенд. Кај нашиот противник тоа се Коларов и Отаменди, а пак нивниот следен меч е против Лестер на Кинг Пауер стадионот.

Ентони Тејлор ќе ја дели правдата на Етихад
Ентони Тејлор ќе ја дели правдата на Етихад

Останатите се во акција

Откако се одвоија најмалку 4 бода од останатите, може да се каже дека сите тимови од топ 4 имаат тешки натпревари овој викенд. Освен дербито на Етихад меѓу Сити и Челси, тешки гостувања кај Борнмут односно Вест Хем имаат Ливерпул и Арсенал. Тотенхем го пречекува Свонси на домашен терен во обид да се доближи до гореспоменатите тимови, а пак ова коло имаме судар на Ливерпул и Манчестер, но на овој меч играат во моментов послабите клубови од тие градови, Евертон и Манчестер Јунајтед во борба за приклучок во борбата за ЛШ следната сезона. На дното ќе биде интересно, Мидлзброу и Хал го играат својот меч кој што вреди 6 бодови во понеделник, а пак Стоук го пречекува Барнли во мечот од долниот дел од табелата. Вест Бромвич го дочекува Вотфорд, а пак Алан Пардју со Кристал Палас ќе бара излез од кризата на домашен терен против Саутемптон.

Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега
Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега

Како и секогаш, не очекува интересен викенд во Премиер Лигата. Во декември ќе се одиграат двојно повеќе натпревари отколку во ноември, дури 6, а овој период неретко бил одлучувачки во трката за титулата претходните сезони. Особено е случај оваа сезона, бидејќи нашиот утрешен противник Манчестер Сити сите три меча против топ-4 екипите ги игра во следните 30-тина дена, а Ливерпул исто така освен натпреварот против Манчестер Сити на новогодишната ноќ, го очекува и Мерсисајд дерби на гости кај Евертон, а и двата ќе ги одигра без својот најдобар играч Филипе Кутињо кој што е повреден до крајот на годината. Нашата шанса е тука, би било добро да ја искористиме. Со победа на утрешниот меч го зацврстуваме нашето прво место пред дуелите против ВБА, Сандерленд, Кристал Палас, Борнмут и Стоук што не очекуваат до крајот на годината.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Најава] Во турнеја по историја

Загревање Доаѓа Божик, распоредот е се погуст. Во овие 7 дена имаме 3 натпревари, од ...