Thursday , November 23 2017

[Најава] Во турнеја по историја

Загревање

Доаѓа Божик, распоредот е се погуст. Во овие 7 дена имаме 3 натпревари, од кои првиот веќе го одигравме и го добивме. Го добивме тешко, мачно, можеби и среќно. Но до победата мораше да се стигне и се стигна, без разлика на начинот. Девет победи од девет натпревари, тоа е билансот во Премиер Лигата по поразот на Емирати. Во меѓувреме имавме и еден пораз во ЕФЛ Купот, но зарем некој жали за тоа? Во оваа серија од 9 натпревари, само два пати почувствував немоќ на нашите фудбалери. Првиот пат беше во неделата, на претходниот наш натпревар, а пак претходно тоа се чувствуваше последен пат кога гостувавме на североистокот на Англија, поточно во Мидлзброу. И во двата случаи Диего Коста го реши мечот, а ова гостување во 177 – илјадниот град познат по смешен акцент и лош фудбал би можело да биде најтешко до сега, иако тие се долу, на дното на табелата.

Противникот од блиску

Како што реков, фудбалот во Сандерленд е премногу лош, тоа е традиција. Не можете да сретнете фан од островот кој што ќе ви одговори поинаку. Лигата последен пат ја освоија 1936-тата, ФА Купот 1973-тата. Останатиот дел од нивната историја е составена од грчевита борба за опстанок, справување со невкусни шеги на своја сметка и два натпревари во текот на сезоната (кога ќе се погоди да бидат во ист ранг на натпреварување) против Њукасл, кога пошироката јавност е свртена кон нив на Wear-tyne дербито. Толку. По некоја замрсена сметка на “големите“, како 2014-тата кога ние најдобро го почувствувавме тоа, воглавном ништо посебно што вреди да се потенцира. Оваа сезона можеби најсветлата нивна точка е голманот Пикфорд кој е веројатно иднината на англискиот фудбал. Дејвид Мојс се обиде со неколку формации, ја започна сезоната со 4-5-1 што се трансформираше во 4-3-3 во обид да победи некого, безуспешно. Но, по се изгледа конечно ја најде формацијата длабоко во своите корени, назад во 80-тите и 90-тите години од минатиот век, па сега сето тоа се трансформираше во 4-4-2 иако некои сакаат да го прикажат на друг начин. Јасно се гледа функционалноста на Аничебе и Дефо како типични напаѓачи кои имаат различни квалитети и се комплементарни во секој поглед од играта. Легендата вели дека кон првиот од горенаведените бил испукан куршум а тој го смирил на гради и го проследил кон својот партнер од нападот, додека пак тој не го исконтролирал најдобро а сепак успеал да шутира и куршумот завршил во голот. Сепак оваа информација не е проверена од наша страна па не би сакале да калкулираме. Друга легенда вели дека Сандерленд некогаш играл убав фудбал и обезбедил опстанок пред 37-мото коло, но исто така вашиот колумнист не се сеќава.
Шега на страна, играта на нашиот утрешен противник се базира на долги топки, на голем број воздушни дуели и по некој прекин на Ларсон на кој што веројатно тоа е единствената добра страна што ја поседува. Дејвид Мојс пазареше без јасна цел, се обидуваше да ги доведе сите играчи за кои што поголемите клубови од Премиер Лигата немаа планови. Само така може да се објасни куповината на Папи Џилобоџи (нашата легенда која одигра цела една минута за Челси минатата сезона, притоа плаќајќи го дупло повеќе отколку што ние го плативме во Нант), Педи МекНер од Манчестер Јунајтед, Џејсон Денајер на позајмица од Манчестер Сити и тн. Но, нивниот најголем адут е традицијата, особено во последните 3-4 сезони во кои имаме сериозни проблеми, а особено се тешки гостувањата на кои што последните две сезони имаме освоено само еден бод, а исто така претходно бевме исфрлени од Сандерленд во четврт-финалето од Лига Купот токму на Стадионот на светлината. Исто така тука може да се стави и студеното северно време кое се очекува да преовладува во текот на вечерта, како и прилично лошиот терен за англиски услови.

Најголемата опасност доаѓа од овој двоец
Најголемата опасност доаѓа од овој двоец

Како до победа?

Веројатно ова ќе биде уште еден натпревар на кој ќе бидат потребни челични нерви за да се излезе на крај со една тврдоглава екипа која ќе направи се да остане непоразена. Во секој дел од теренот нашата екипа доминира, а на претходниот меч покажавме зрелост и тактичка подготвеност да не ја загубиме главата во битни моменти, да не му дозволиме на противникот да постигне гол бидејќи тоа би било погубно за нас. Историјата го прикажува Сандерленд како традиционално тежок противник па затоа мора да се остане фокусиран сите 90 минути. Можеби би требало Конте да го започне мечот со Канте и Фабрегас а на десната крилна позиција да биде Вилијан заради освежување на составот. Исто така место за ротација има на стоперските позиции каде Ивановиќ може да пополни некое од трите места доколку е потребен одмор.

Имаме историја

Кога ќе ми текне на Сандерленд, тоа е онаа екипа што е традиционално на дното а со која секогаш сме имале проблеми и никогаш не е пријатно кога ќе се спомене дека следниот меч е против нив, како на домашен така на гостински терен. Од поновата историја, особено боли оној пораз од 3-0 во 2010-тата година кој се случи толку неочекувано, а се чини дека токму тој почна да ја врти сезоната во насока во која не посакувавме. Сепак, во ерата на Премиер Лигата имаме само 7 порази и два нерешени резултати, наспроти дури 23-те победи. Не смееме да ги заборавиме двете победи од по 5 голови разлика на крајот на претходната деценија, кога постигнавме дури 12 погодоци а примивме 2 на тие два меча. Воедно на оној под водство на Анчелоти, се постави нов тренд на постигнување на 7 или повеќе погодоци кој беше испочитуван уште три пати до крајот на таа сезона, а воедно беше поставена најголемата победа и мечот со најмногу голови во историјата на овие два клуба. Од несреќните моменти не смее да се заборави поразот од 1-2 на Стемфорд Бриџ 2014-тата година, кога ни беше одземена шансата со 3 победи на трите меча до крај да забележиме нова, тогаш 4-та титула во Премиер Лигата, што впрочем ја забележавме една година подоцна токму против Сандерленд со победата од 3-1 на Стемфорд Бриџ.

Најголема победа: Челси 7-2 Сандерленд (16.01.2010)
Најубедлив пораз: Сандерленд 4-0 Челси (неколку пати пред втората светска војна)
Меч со најмногу погодоци: Челси 7-2 Сандерленд (16.01.2010)

Ешли Кол постигна прекрасен погодок на асистенција на Џон Тери во победата од 7-2
Ешли Кол постигна прекрасен погодок на асистенција на Џон Тери во победата од 7-2

Моментот од различни перспективи

Нашата машина ги меле сите противници, а сите се надеваме сето тоа да продолжи што подолго. Сепак ова е далеку од лесно гостување, нашиот противник на последните 5 меча има 3 победи, а двата пораза дојдоа на тешки гостувања кај Ливерпул и Свонси. Изгледа дека Мојс конечно го најде начинот на игра и тоа може да ја поремети нашата низа, сепак да се надеваме дека тоа нема да се случи и нашите момци ќе продолжат да пишуваат историја. Во поглед на повредите, нашиот противник нема да може да смета на повеќе важни играчи меѓу кои МекНер, Ндонг, Родвел, капитенот Катермол, додека пак поранешниот играч на Челси, Фабио Борини е назад во конкуренција за настап на овој меч. Во нашиот табор неизвезни се Зума и Оскар додека пак нема да настапат Тери и Микел.

Делители на правдата

Нил Сворбик ќе ја дели правдата на овој меч, а тој е прилично тивок судија, иако дели по нешто повеќе од 4 жолти картони во просек. До сега нема доделено црвен картон а до сега им нема судено на двата клуба, освен кога во три наврати бил четврти судија на натпреварите на нашиот противник. Во поглед на жолтите картони, кај нас на овој список се стари лица, Луиз и Коста, а пак приклучени им се Канте и Матиќ. Доколку било кој од нив добие жолт картон нема да може да настапи на мечот против Кристал Палас, а пак кај нашиот противник при таква опасност се Били Џоунс и Стивен Пиенар.

Нил Сворбик
Нил Сворбик

Останатите се во акција

Во вторник нашите очи ќе бидат свртени кон Гудисон каде што гостува арсенал со цел да ја продолжи низата од 13 натпревари без пораз, каде што ќе бидат без неколку клучни играчи, а пак вториот натпревар во првиот ден од ова коло ќе се одигра на јужниот брег каде Борнмут ќе го пречека Лестер. Ливерпул по два кикса ќе се обиде да се врати на победничките патеки против Мидлзброу, Манчестер Сити во желба да ја прекине серијата од два порази едно по друго го пречекува Вотфорд. На дното на табелата, Славен Билиќ ќе ја спасува својата работа на олимпискиот стадион во Лондон со мечот против Барнли, а Вест Бром ќе го пречека Свонси кој полека но сигурно влегува во некаква форма. Стоук и Саутемптон ќе се борат во еден натпревар кој се очекува да биде тврд и без многу игра, тотенхем го пречекува Хал Сити во обид да ги искористи киксовите на Сити и Ливерпул и да се приближи до топ 4, а пак во уште еден меч во Лондон, Кристал Палас ќе се обиде да ја расипе еуфоријата на Жозе и Манчестер Јунајтед по победата над Покетино и неговите пулени.

Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега
Сезона која ги има сите предиспозиции да биде најинтересна до сега

Вонредните кола се секогаш интересни и треба да очекуваме многу изненадувања. Со десета победа по ред нашите момци речиси ќе го обезбедат престојот на врвот на табелата на boxing day, a тоа е секако многу важно во понатамошната борба за титулата.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Карабао Куп] Се запознаваме со нашиот противник

Минатогодишниот ЕФЛ куп, исто така познат како Капитал 1 куп, Карлинг Куп од пред повеќе ...