Wednesday , January 17 2018

[Најава] Битка за Лондон (vol.3)

Загревање

Во сабота од 17.30 по локално време, односно 18.30 по македонско време , на Стемфорд Бриџ гостува тотенхем во еден меч кој што за нас е трето градско дерби од почетокот на сезоната. До сега нашиот успех е половичен, но ова е сосема поинаков тип на натпревар. Нашиот противник пак, одигра три меча против екипите од Лондон, вклучувајќи ги последните две на кои што освоија 4 бода на крилјата на Хари Кејн. Тие во вторник исто така имаа и меч од Лигата на Шампионите кој што го изгубија во Монако со 2-1, додека пак нашиот поредок распоред им дозволи на играчите и стручниот штаб да се припремат за овој дуел. Сепак, на Стемфорд Бриџ доаѓа единствениот непоразен тим во Премиер Лигата на првите 12 натпревари, а веројатно нема подобар момент да се добие уште една битка за Лондон.

Табела на натпревари меѓу екипите од Лондон:

  1. тотенхем……………………………………7 бода……. 5-3
  2. арсенал……………………………………… 4 бода…… 4-1
  3. вест хем…………………………………….. 3 бода….. 4-5
  4. Челси………………………………………..3 бода …..2-4
  5. кристал Палас……………………………..0 бодови…..0-2

tenzijaСекогаш има голема тензија помеѓу овие ривали и истото се очекува овој викенд

Противникот од блиску

Маурисио Покетино во својата прва сезона во клубот веќе направи неверојатна трансформација која што пред се донесе резултат, но исто така можеме да се сложиме дека тотенхем од една екипа со тврдоглав, лош фудбал се претвори во една од најзабавните екипи во Премиер Лигата. Покетино игра брз, напаѓачки фудбал, но ако се погледнат бројките ќе забележиме дека одбраната исто така е челична и е многу тешко да се пробие кога е во нејзиниот најсилен состав. Меѓутоа, Алдервеирелд по повредата на мечот против Вест Бромвич Албион во осмото коло веќе четири натпревари е на трибините, а земајќи в предвид дека веќе е отпишан од дербито во сабота, тоа ќе биде петти негов меч надвор од составот на Покетино. Со него во тимот, тотенхем не прими ниту еден гол од игра, а прими вкупно 3 погодока на 7 меча. Во последните 4 меча имаат примено исто толку погодоци. Но, проблемите за екипата од северен Лондон не застануваат тука. Тие нема да можат да сметаат на своите два леви бека откако Дени Роуз го доби петтиот жолт картон на претходниот меч против вест хем, а велшанецот Бен Дејвис е надвор од конкуренција поради повреда на зглобот. По таа страна се очекува да биде Вертонген, во тој случај Ерик Диер би се вратил во срцето на одбраната, што е поверојатно, или пак Кајл Вокер од десната да се префрли на левата страна а на негово место да настапи Киеран Трипие, што е многу поофанзивна и помалку веројатна формација што сепак може да се очекува. Ерик Ламела е исто така повреден, но тоа не е којзнае колку голем проблем за Покетино поради извонредниот арсенал кој што го поседува во тие офанзивни делови на средината на теренот.
Токму креативноста е најсилно оружје на тотенхем, а во тоа секако се истакнува Кристијан Ериксен кој што впрочем е и извонреден изведувач на слободни удари. Новото засилување Виктор Ванјама би требало да дејствува зад  Муса Дембеле, два играчи кои ја даваат цврстината на тимот, а вториот сепак може да дејствува и офанзивно а при тоа да биде опасен. Сето ова е хипотетички поради фактот дека Диер може да се врати да ја пополни дупката во одбраната. Пред нив би требало да се поставени Сон, Ериксен и Али, три играчи од кои што секоја одбрана треба да се плаши, дури и онаа што нема примено гол на 6 натпревари по ред.
Но, сепак, сета таа креативност не би имала смисла доколку едно момче не е секогаш на вистинското место во вистинското време, едно момче кое во претходните две сезони има постигнато по повеќе од 20 лигашки гола, а сеуште има само 23 години. Хари Кејн е напаѓачот на тотенхем кој што секогаш наоѓа нов начин да постигнува гол на речиси секое градско дерби, без разлика на тоа дали се работи за меч против Челси, арсенал или некој од другите клубови. Веројатно најталентираниот напаѓач кој што Англија го имала во последните 15 години.

31e277f200000578-3477957-harry_kine_throws_away_his_protective_mask_after_scoring_a_stunn-a-75_1457187346022
Хари Кејн прославува гол на дербито на северен Лондон

Како до победа?

Доколку дозволиме нашиот ривал да започне со нивните напади во кои сите ги менуваат позициите, имаат одличен преглед на играта и се уфрлуваат меѓу одбранбените играчи брзо и ефикасно, нашите стопери може да имаат долго попладне. Сепак, нивната ослабена одбрана не може да го поднесе пеколното темпо кое го задаваат нашите, пред се крилни играчи, и тука би требало да го бараме нашиот адут за победа. Во една таква ситуација, играчите како Кристијан Ериксен и Деле Али речиси исчезнуваат кога треба да се организира акција на спротивниот крај, а тоа несомнено ќе го искористат Матиќ и Канте. Во последните 2-3 години имаме огромни успеси против овој ривал, но тие секогаш доаѓале како резултат на офанзивен пристап и пеколен ритам. Сепак, пеколниот ритам не треба да значи бркотница по теренот поради фактот што нивниот ефект од против напади може да биде застрашувачки опасен по нашиот гол, посебно по натпреварот против Мидлзброу на кој покажавме одредени слабости во тој сегмент од одбраната.
Едно е сигурно, што и да се случува во сабота не смееме да се повлечеме и да им дозволиме да играат со топка на нивните офанзивни играчи почнувајќи од Муса Дембеле , преку офанзивниот десен бек Кајл Вокер, а можеби и Киеран Трипиер кои имаат неверојатен центаршут, а секако во шеснаесетникот и тоа како има кој да го дочека тој центаршут во Хари Кејн како и Сон кој што се уфрла од позадина и веќе има 4 гола на своето конто во Премиер Лигата.

eden-hazard-goal-vs-spurs-may-2016Магијата на Еден Хазард секако ќе биде потребна за да се победи градскиот ривал

Имаме историја

Натпреварите против овој ривал се прилично интересни и речиси секогаш има доста возбудувања, особено за нас, фановите на Челси. Натпреварите на домашен терен речиси редовно завршуваат со убедлив успех, а немаме пораз на домашен терен од 10-ти февруари 1990-тата. Во ерата на Премиер Лигата имаме само 4 порази, сите на гостински терен, а во истиот период сме сведоци на 25 победи и 19 нерешени исходи.
Верувам дека нема да го заборавиме последниот нерешен резултат кој имаше вкус на победа, кога Азар со еден прекрасен гол му ги одзеде шансите за титулата на нашиот северен сосед. Уште еден нерешен резултат ќе остане запишан во историјата, оној од 2008-та година кој за многумина е најлудиот натпревар што некогаш го одиграл Челси, иако морам да признаам има пеколна конкуренција. Имавме удобно водство а на крајот Карло Кудичини со два одбранети „зицери“ на Димитар Бербатов спасуваше бод за нашите сини. Натпреварот кој ми буди најубави спомени е оној од 11-ти март 2006-тата кога, само 10 дена по смртта, беше оддадена чест на големиот Питер Осгуд, а натпреварот беше решен во последните моменти кога Вилијам Галас постигна гол од 20-тина и повеќе метри и ширум ја отвори вратата на нова титула на Челси во Премиер Лигата, втора по ред.

Најубедлива победа: тотенхем 1-6 Челси (06.12.1997)
Најтежок пораз: тотенхем 5-0 Челси (09.10.1920)
Натпревари со најмногу погодоци: тотенхем 4-4 Челси (19.03.2008), тотенхем 5-3 Челси (01.01.2015)

o
Оддавање почит на кралот на Стемфорд Бриџ пред натпреварот со тотенхем (11.03.2006)

Моментот од различни перспективи

Ова би требало да биде наш натпревар, гледано од сите аспекти. Играме најдобро можеби во историјата, одбраната на нашиот противник е десеткувана со повреди и суспензии, исто така имаа 5 натпревари повеќе во досегашниот тек од сезоната поради фактот дека нашиот клуб не учествува во европските натпреварувања, а ниту пак резултатите на нашиот противник не влеваат надеж дека може да изненадат. Но, можеби звучи како клише но навистина е така, на ваквите дуели нема фаворити. Диего Коста влегува во овој дуел како најдобар стрелец во лигата и ќе се обиде да го продолжи својот престој на врвот на листата на стрелци, додека пак Куртоа ќе се обиде да ја продолжи неверојатната низа без примен гол на дури 7 натпревари ако не се смета второто полувреме против арсенал. Нашиот тим ќе се обиде да ја продолжи низата на 7 победи по ред, која што ќе биде најдолга во последните 9 и нешто повеќе години кога Жозе Мурињо имаше серија од 9 победи по ред во Премиер Лигата.

Southampton v Chelsea - Premier League
Моќна прослава на Диего Коста – честа слика сезонава

Делители на правдата

Мајкл Оливер ќе ја дели правдата на Стемфорд Бриџ во сабота. Тој на 10-те натпревари на кои што бил главен судија до сега има покажано 35 жолти картони, а интересно, ниту еден црвен. Тој додели 6 пенали, од кои дури 4 беа промашени, а дури 5 беа во корист на домаќините. Тој бил на центарот на теренот по еднаш на натпреварите на Челси и на тотенхем, ние не го паметиме по добро заради поразот на Емирати од 3-0, а пак тотенхем го совладал Кристал Палас со 1-0 во август. Доколку му додели жолт картон на Диего Коста, тој нема да може да настапи на дуелот на Етихад против Сити, a освен него нема други загрозени играчи.

Останатите се во акција

Од топ 4 само Манчестер Сити овој викенд има гостување и тоа во Ланкашир кај Барнли, обидувајќи се конечно да врзе 2 победи за прв пат по 2 месеци. Тоа не би требало да биде премногу лесна задача за нив ако се знае дека пред две сезони оваа екипа ги совлада на Турф Мур, а на гости успеа да одземе еден од планираните три бода на Сити. Ливерпул и арсенал би требало да имаат лесна задача против Борнмут и Сандерленд на домашен терен, па со наша победа против петто-пласираниот тотенхем, би можело да се случи конечно 4 екипи да се издвојат на врвот на табелата. На дното исто така ќе биде интересно. Свонси го пречекува Кристал Палас во натпревар што вреди 6 бода, а пак Мидлзброу и Лестер ќе се борат да останат безбедни над линијата на спас. Хал Сити ќе се обиде да избегне нов пораз, овој пат против ВБА кој што е во налет победувајќи ги актуелните шампиони на гости со 2-1 и особено Барнли со 4-0 на домашен терен. Вест Хем гостува на Олд Трафорд во борба за поправање на впечатокот во оваа катастрофална сезона за нив во која сеуште се само еден бод над опасната зона. Стоук ќе гостува кај Вотфорд во недела на пладне по локално време, а нешто погоре на табелата Саутемптон го пречекува Евертон во еден меч од кој може се да се очекува. Секако дека дербито на колото е на Стемфорд Бриџ, да се надеваме на добри 2 натпревари против тотенхем и Манчестер Сити викендот потоа, пред нешто полесен распоред околу Божик, кога на 5 натпревари нема да се сретнеме со ниту еден клуб од првите 8 на табелата.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] И тогаш станаа осум…

И тогаш станаа осум… Осум победи по ред во Премиер Лигата. Токму тогаш кога се ...