Tuesday , February 20 2018

[Најава] арсенал – Челси

Загревање

По мала серија од два лоши резултати, во Велс против Свонси и на Стемфорд Бриџ против Ливерпул, нашиот тим во рамките од шестото коло му гостува на нашиот градски ривал, арсенал. Ова е второ градско дерби за нашиот клуб, а првото го добивме на домашен терен против вест хем со голот на Диего Коста во 89-тата минута (2-1). Нашиот противник, прв пат игра против екипа од Лондон оваа сезона. Двата ривали се со бодовно салдо од 10 бодови. Исто така, на средината од неделата бевме успешни во ЕФЛ Купот. Нашиот тим го совлада Лестер на гости со 4-2, додека арсенал славеше кај Нотингем Форест со 4-0.

Противникот од блиску

Нашиот противник веројатно сите го знаеме. Стариот, за нас добар, Арсен Венгер сеуште ги предводи соседите и тоа баш онака како што би можеле ние да посакаме. Тој веќе 3-4 сезони, откако почна да биде незадоволен од Оливие Жиру, бара напаѓач, а во екипата донесе веројатно по еден играч на сите позиции освен на местото на класична 9-ка. Тој оваа сезона, приморан од недоволната физичка спремност на Жиру, често го менуваше играчот кој ја предводи офанзивната линија, па така таму во претходните 5-6 натпревари се наоѓаа пред се Алексис Санчез, потоа Тио Волкот и новата аквизиција Лукас Перез. Освен таму, Венгер имаше проблеми и во одбранбената четворка, во срцето на која изгледа конечно ги спои гостиварчанецот Шкодран Мустафи и Лоран Кошчелни. На бековските позиции сигурно послабата алка се наоѓа на нашата десна страна, нивната лева каде што се наоѓа Начо Монреал, но и Хектор Белерин не е ништо особено во дефанзивата, па така би можело да има доста прилики за нашите крилни играчи. Офанзивната линија на играчите за врска е веројатно најсилен дел од тимот на нашиот следен противник. На левата страна е можно да започнат Ивоби или евентуално Алексис Санчез доколку се одлучи за некој друг играч во шпицот Арсен Венгер, на позицијата број 10 ќе стартува Месут Озил, а по десната страна најверојатно ќе делува Тио Волкот откако успеа да врзе неколку солидни натпревари. Зад нив се Казорла и Кокелан, но по двата гола на претходните два меча можеби на вратата на првите 11 чука Гранит Џака.

Нашиот противник години наназад игра трпелив фудбал со држење на топката, па од тука ние би можеле многу лесно да се приспособиме на нив и да настапиме со евентуални брзи контранапади што би можело да се покаже како многу успешно, иако нашата контра не функционираше баш најдобро на претходните два меча во Премиер Лигата, нешто што не може да се каже за вторникот кога едноставно бевме монструозни при такви ситуации против Лестер сити. Исто така, на нивниот гол е Петр Чех кој многу добро го знаеме, но, кој изгледа дека веќе го губи чекорот со времето. Откако беше најдобриот поединец на арсенал ланската сезона, оваа тој не покажува особена сигурност и можеби веќе не е тоа оној Чех од старите добри времиња.

Тие не се особено опасни во воздухот што е огромно олеснување за нас поради фактот што од 6 те примени гола оваа сезона, 3 дојдоа по центаршутеви на противникот, но сепак Кошчиелни и Мустафи знаат да бидат опасност за противникот по прекини.

Како до победа?

На претходните два натпревари на кои освоивме еден мизерен бод, најголеми пропусти имаше таму каде што, ако се погледне тимот, реално треба најмалку да има, а тоа е дефанзивниот среден ред. На тоа поле ги имаме нашето огромно засилување НГоло Канте, Немања Матиќ, па дури и Оскар и Вилијан знаат да помогнат во дефанзивата и во започнување на акциите, но за жал ништо од тоа не функционираше. Првиот гол на Свонси падна по наши грешки односно при контранапад, што е недозволиво ако се знае дека нашиот “носач на вода“ е платен нешто повеќе од 30 милиони фунти. Исто така и шутот при голот на Хендерсон за 2-0 во петокот се случи од таму каде што треба да бидат неприкосновени нашите играчи за врска. Одбраната веќе многу пати оваа сезона беше на мета на критики, и тоа сосема заслужено ако се знае дека на единствениот натпревар на кој не примивме гол, одбраната немаше потреба воопшто да интервенира. Од овој аспект, победата изгледа доста далеку, ако се знае со каков арсенал располага арсен венгер во нападот. Но, да не заборавиме на слабостите на нашиот противник, а тие се исти како нашите. Нивната дефанзивна линија и дефанзивните играчи за врска се многу несигурни. Кокелан има проблеми со контрола на својот темперамент а исто така и со пренос на топката, па доколку се случи блиску до него да не се најде Казорла или некој од офанзивните играчи, со добар пресинг може да направиме огромни проблеми на противникот. Нашиот напад функционира доста добро, а натпреварот со Ливерпул го загубивме единствено поради некреативноста на Оскар и Вилијан. Сите добри акции се случија по нашата лева страна каде што е Еден Азар вклучувајќи го и Аспиликуета па и Матиќ кои знаат да бидат доста активни на офанзивната страна на теренот оваа сезона. Од таму впрочем ја пробивме одбраната на скаузерите и при голот на Диего Коста за 1-2. Во зависност од тактиката која ја припрема нашиот менаџер, имаме две опции за победа против соседите.

  1. Да се нападне од почетокот и да се искористи слабоста на дефанзивата на арсенал. 
    При оваа опција наместо Оскар би морал конечно да заигра Фабрегас, и да се обидеме да ја држиме топката што повеќе во наш посед, а со тоа и да ствараме несигурност во дефанзивата на противникот. Со оглед на тоа дека Џон Тери нема да биде фит ниту за овој меч, нашите стопери ќе бидат Кејхил и Давид Луиз што значи дека ќе имаме добар состав за игра на посед, на доста додавања при што ќе се искористат слабостите во дефанзива на Белерин и Монреал и брзината на Азар и Вилијан или кој и да започне на десната страна.
  2. Да се зацврсти средината и одбраната и да се чека убиствена контра.
    На овој начин пак, потребна е брзината и дефанзивните карактеристики на Оскар пред креативноста на Цеск. Оваа варијанта изгледа како посигурна, но всушност е поризичната поради фактот дека никој не може со сигурност да верува на една ваква одбрана и голман како што се нашите. Доколку Канте има уште еден лош ден како против Ливерпул и Свонси, игра на ваков начин би значела да се потпише смртна пресуда. Сепак доколку успееме да ја сочуваме нашата мрежа, неколку контранапади не би биле невозможни поради не-толку силните дефанзивни карактеристики на противничкиот среден ред.

Веројатно најдобрата опција е натпреварот да се изменаџира така, да можат да се вметнат двата типа на тактика при што поверојатно е дека прво ќе се започне со претпазлива игра и препуштање на средината на нашиот противник, а потоа, доколку за наша несреќа примиме гол после 3 ипол години или за наша среќа Конте почувствува слабост во противничката игра во одбраната, да се искористи максимално преку преземање на иницијативата.

Имаме историја

Во последните, нешто повеќе од 3 ипол години, арсенал нема постигнато гол против нашиот тим во Премиер Лигата, а дури пет години немаат забележано победа откако тоа последен пат се случи во октомври 2011-тата на Стемфорд Бриџ (3-5). На тие мечеви нашиот тим има 6 победи и 3 нерешени средби, со гол разлика 17-2. На 1000-тиот меч, Венгер беше прикладно пречекан и испратен со 6 погодоци од Стемфорд Бриџ. Вкупно, во натпреварувачките дуели нашиот противник има 66 победи, ние имаме 56, а 49 меча завршиле нерешено. Од кога постои Премиер Лигата, имаме по 17 победи, а нерешено завршиле 14 лигашки дуели.

Од натпреварите против арсенал на Емирати веројатно сите се сеќаваме на победата од 3-0 во ноември 2009-тата кога Дрогба со 2 гола и Вермален со автогол му ја донесоа најубедливата победа на Челси на гостински терен, како и онаа една година претходно кога двата тима испаднаа во полуфиналето на Лигата на Шампионите, но Челси порано успеа да ја надмине трагедијата од голот на Иниеста и го совлада нашиот денешен противник со 1-4 на гостински терен.

Најголема победа: Челси 6-0 арсенал (22.03.2014)
Најтежок пораз: Челси 1-5 арсенал (01.08.1930)
Меч со најмногу голови: арсенал 5-4 Челси (08.03.1958)

Да не заборавиме дека нашиот противник никогаш нема освоено Лига на Шампиони, додека ние тоа го направивме на 19.05.2012. 

Моментот од различни перспективи

Двата тима имаат по 10 бода, но формата одеше сосема спротивно. Ние почнавме со 3 победи на првите 3 меча, додека арсенал првите два натпревари ги одигра катастрофално и зема само 1 бод, а следните три ги доби. Според тоа, ова е подобар момент за арсенал за да го одигра овој натпревар, меѓутоа тие имаат поголем број повредени фудбалери. Во нашиот табор тоа е стоперскиот тандем Џон Тери и Курт Зума, додека пак кај арсенал нема да настапат поради повреди: Пер Мертесакер, Карл Џенкинсон, Арон Ремзи, Дени Велбек, а неизвесен за настап е Оливие Жиру. Нашиот меч во вторникот одеше во продолженија против Лестер, но освен дефанзивците, ниту еден играч кој се очекува да стартува нема одиграно повеќе од 50-тина минути.

Кои 11 ќе истрчаат на теренот?

%d1%87%d0%b5%d0%bb

Челси би требало да започне со истите 11 како на претходниот меч, единствено Фабрегас може да влезе во првиот тим откако уште еднаш бриљираше во ЕФЛ Купот.

%d0%b0%d1%80%d1%81

Арсенал има повеќе опции во нападот, а можеби и Жиру ќе биде спремен за настап. Исто така Гранит Џака може да биде именуван во првиот тим откако се покажа добро на претходните два меча.

Останатите се во акција

Првиот меч во ова коло е Манчестер Јунајтед – Лестер Сити, односно Мурињо против човекот кој го натера Абрамовиќ да го отпушти минатата сезона. На серијата порази на јунајтед дојде крајот против Нортемптон во купот па сега останува да видиме дали Мурињо ќе успее да изгради нова победничка серија. 2 ипол часа подоцна, Евертон патува во Борнмут со цел да ја продолжи серијата без пораз во Премиер Лигата, а во истиот термин нивниот градски ривал го пречекува Хал на Енфилд. Тотенхем без Хари Кејн патува на север каде ќе игра против Мидлзброу, а Сандерленд ја бара првата победа против Кристал Палас на домашен терен. Агуеро се враќа во составот кога Сити ќе гостува на Либерти во Велс по шестата победа од исто толку меча. Последен тим на кој тоа му успеало беше нашиот Челси пред 2 сезони кога ја освоивме титулата. Во недела Вест Хем ќе бара излез од кризата против Саутемптон на домашен терен, а Monday night football е резервиран за Барнли и Вотфорд, кои што ќе го одиграат својот меч на Турф Мур во Ланкашир. Би требало да очекуваме нов интересен викенд, посебно затоа што второто градско дерби на нашиот тим е на програмата во сабота од 18.30.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Најава] Во турнеја по историја

Загревање Доаѓа Божик, распоредот е се погуст. Во овие 7 дена имаме 3 натпревари, од ...