Monday , December 18 2017
EDITORIAL USE ONLY No use with unauthorised audio, video, data, fixture lists (outside the EU), club/league logos or "live" services. Online in-match use limited to 45 images (+15 in extra time). No use to emulate moving images. No use in betting, games or single club/league/player publications/services. Mandatory Credit: Photo by Mark Pain/REX/Shutterstock (5829029i) Chelsea fanes hold up red,white and green flags to welcome their new italian Manager Antonio Conte Cheslea v West Ham United Premier League - Stamford Bridge Copyright Picture : Mark Pain 15/08/2016 Chelsea v West Ham United, The Premier League, Football, Stamford Bridge, London, UK - 15 Aug 2016

[Колумна] Денот кога засакав шпагети

Еден студен зимски ден, мало дете со штотуку наполнети 6 години седи на масата на ручек со своето семество, безволно одговарајќи на прашањата на родителите за тоа како поминало во забавиште, не сакајќи да руча по трет пат тој ден. Земјата сеуште ја тресеше воена криза, а на телевизорот во аголот од собата одекнува гласот на легендарниот Златко Калински, а на него она што беше вистинска среќа да се гледа. Од сите 10 натпревари, нашиот национален сервис баш тогаш, беше одбрал да ги пренесува сините од Лондон. Во чинијата која му припаѓаше на нашиот главен лик имаше „црви“- начин на кој тогаш ги гледавме италијанските тестенини.

Оваа слика е запечатена во сеќавањето на вашиот колумнист низ целото негово детство и рана младост. Ќе го чекав натпреварот на Челси цела недела, а баш тогаш, во тој момент ќе се појавеше некоја ненадминлива препрека помеѓу мене и најблискиот телевизор и секогаш морав да водам војна за да уживам во потезите на моите миленици. Но, овој текст не е од таа флоскула. Овој текст го пишувам со цел да го објаснам моментот кога засакав шпагети.

Баш во моментот кога сакав да си одам од масата скаран од моите поради тоа што чинијата беше полна, одекна восхитувачкиот глас на Златко Калински: „Фаул за Челси, Џанфранко Зола ја мести топката на 20-тина метри од голот“. Татко ми со подбив ја нагласи фамозната изрека на Младен Делиќ: „ово иде небу под облаке“. Му имам кажано уште тогаш да се навикне да ги гледа бидејќи конечно ја најдов мојата љубов, но никогаш не ги засака сините. Возбудата кај мене растеше додека Франки Зола ја местеше топката. Се надевав на најдоброто, а што всушност можеше да се очекува од него. Таа топка како и секогаш отиде во горниот лев агол и славјето можеше да почне.

Следното што го слушнав кога се вратив да седнам на масата беше „ако јадеш шпагети ќе бидеш како него“. А кој не сака да стане како малиот италијански џин? Кој не сака да биде како човекот кој е единствен во историјата на Челси чиј број е пензиониран? Добро, можеби не официјално, но самиот Френк Лампард кажа: „Секој следен кој ќе го понесе бројот 25 во синиот дрес, ќе мора да постигнува гол од секој слободен удар. Тоа ќе изгледа смешно“.

Како растев, ме интересираше се за фудбалскиот клуб Челси. Почнав да читам за историјата, се запознавав со многу наши легенди. И ден денеска се ежам кога ќе слушнам од мајка ми „римљани љубе траву по којој хода Вијали“, цитирајќи исто така некој коментатор од поранешната држава. Не можам да го заборавам тој господин без коса кој што секогаш ќе најдеше начин да ја смести топката во мрежата, не можам да ги заборавам неговите 4 гола против Барнсли, а освен тоа и неговото славје како менаџер на голот на Денис Вајс на Сан Сиро, момент кој што е опеан во можеби најубавата песна за некој играч на Челси. Премногу емоции. Тој беше првиот од, ќе се покаже многуте италијански тренери. Еден од многуте што ја засилуваа мојата љубов кон тестенините.

Карло Кудичини правеше чуда на нашиот гол додека да дојде едно голобрадо момче од Чешка кој новиот менаџер Жозе Мурињо веднаш го стави пред мојот идол. Дури и потоа, зарем некој може да ја заборави среда вечерта на Вајт Харт Лејн кога натпреварот заврши 4-4, а сепак нашиот Карло иако прими 4 гола беше играч на натпреварот.

Од клупата пак, Мурињо го наследи Клаудио Раниери кој што не внесе во Лигата на Шампионите и го започна трендот на Челси полека да стане тоа што е сега, а потоа и самиот тој не исфрли од неа следната сезона во еден двомеч против Монако (за неговите глупости како наш менаџер и трагедијата таа вечер во Монте Карло во некоја друга прилика). Сепак оваа сезона покажа дека тој може да биде и успешен, но под услов да нема премногу „Tinkering“ по што и го доби прекорот таа, сега далечна, 2004-та година.

Пет години подоцна, уште еден легендарен менаџер од Италија не поведе кон нови успеси и неверојатни 103 гола во Премиер Лигата, за следната сезона да биде отпуштен од Роман Абрамовиќ. Нема период на кој со поубави спомени ќе се сеќавам од таа сезона 2009-10. Како што почна, така и заврши, со трофеј. Најпрвин се одмаздивме на Фергусон и неговиот Јунајтед за поразот на пенали една година порано во дождливата вечер во Москва за да го подигнеме Комјунити Шилдот, а потоа и првата вистинска двојна круна во нашата, тогаш 105 годишна историја. Многу голови, многу прекрасни моменти и офанзивна игра каква што дотогаш Премиер Лигата не памети, впрочем самите бројка од 103 гола кажува се. Единствениот неуспех беше во Лигата на Шампиони. За неа почекавме неполна година.

Роби ди Матео дојде како човек од кој ништо не се очекува. Пораз од Наполи во ЛШ на гости од 3-1, ужасна позиција во лигата и нерешен натпревар против Бирмингем на домашен терен во ФА Купот, што значеше повторен натпревар на гости. Тоа беше впрочем и првиот дуел за нашата легенда која како тренер беше отпуштен од ВБА и дојде дома, како асистент на Андре Виљаш Боаш. Кога излезе на St. Andrews во Бирмингем, не можев да не се потсетам на финалето на ФА Купот од 2000-тата и неговиот гол против Мидлзброу, мислев дека и тогаш ќе заигра на местото на некои самопрогласени ѕвезди. Но, наместо тоа, тој сите ги сплоти и го изгради тимот кој што владееше со европа. Првин го совладавме Бирмингем, потоа се случи чудесен пресврт и го исфрливме Наполи. Како тогаш да почувствував дека тоа е тоа, дека конечно италијанската ќе ми стане омилена храна. I did it. Тој го направи тоа, и имаше право што тоа и му го кажа на нашиот сопственик само моменти пред да го дигнеме пехарот со големи уши. Пред тоа издоминиравме и во ФА Купот, победувајќи ги нашите соседи од северен Лондон со 5-1, а потоа и Луверпул во финалето. Двата натпревара на Вембли, Дидиер Дрогба на двата постигна гол. „It comes with a ticket“ – фраза на Мартин Тајлер по голот против Ливерпул која можеби најдобро ги опишува натпреварите на нашиот легендарен напаѓач на Вембли. Сепак, моето најголемо задоволство беше што тотенхем се врати таму што припаѓа, да играат натпревари во четврток против никакви екипи од источна европа. Кога трчав таа вечер по кејот на Скопје за да го потрошам адреналинот само моменти по последниот пенал на Дрогба, ги видов Герет Бејл и Емануел Адебајор како играат во дождлива вечер на некој каллив терен против екипа од рангот на оние во нашата лига. Роби ди Матео ги оправда милионите на сите останати тренери до тогаш, ја освои Европа. Втората сезона како и секогаш, беше ужасна и капетанот мораше да го напушти бродот.

Сега сме на почетокот на една нова таква ера. На почетокот на ера на милиони во Премиер Лигата, но најважно на почетокот на нова италијанска ера во која верувам дека ќе биде начин многу деца да ги засакаат тестенините. На почеток сме на ера во која нашиот Челси го чека нов испит, кога треба да се дигне над сите проблеми, кога треба да се врати онаму каде што припаѓа, на врвот.

На почеток сме, на една ера како што бевме пред 15 години, кога еден студен зимски ден, мало дете со штотуку наполнети 6 години седеше на масата на ручек со своето семејство, безволно одговарајќи на прашањата на родителите за тоа како поминало во забавиште, не сакајќи да руча по трет пат тој ден. Кога земјата сеуште ја тресеше воена криза, а на телевизорот во аголот од собата одекнуваше гласот на легендарниот Златко Калински, кога беше вистинска среќа од сите натпревари баш нашиот да се гледа на телевизор. Сега сме на почеток на нова ера која, ако се познава денот по утрото, ќе биде бурна, емотивна и успешна. Со еден збор, таа ќе биде ера за паметење. А некои нови деца ќе го сакаат фудбалот и ќе ги засакаат тестенините. Добредојде Антонио Конте.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Del Boy has his say…] Шумот на парите

Веројатно сите се запрашувате, што бара тука на сликата легендарниот Дејвид Џејсон во ликот на ...