Tuesday , October 24 2017

[Лига на Шампиони] Група на главни градови

Загревање

По нешто повеќе од година дена пауза, мушамата на Лигата на Шампионите се враќа на Стемфорд Бриџ. Го направивме тоа во голем стил, освојувајќи ја Премиер Лигата, за прв пат ќе можеме да ја почувствуваме харизмата на Антонио Конте во најелитното европско натпреварување. Во четврток околу 18 часот по македонско време беа извлечени групите, а воедно и прогласени најдобрите од минатата сезона. Откако, ќе се согласиме, нема многу интересни нешта во наградите кои веќе од поодамна се знаеја, ќе се задржиме на она што впрочем нe засега, a тоа е ждрепката која што го одреди текот на првиот дел на сезоната во ЛШ. Најпрвин во текстот ќе се обидам да ги претставам нашите противници, а во вториот дел од текстот ќе се задржам на тоа како сето тоа би можело да се заврши поволно или неповолно по нашиот клуб.

Атлетико Мадрид

Првиот противник доаѓа од Мадрид. Во моментот на извлекувањето, како и сега во мене владееја помешани емоции. Кога ќе се спомене Атлетико Мадрид, најпрвин се појавува слика од 2010-тата година кога беа совладани со 4-0 на Стемфорд Бриџ, но веднаш потоа доаѓа вечерта од супер купот во Монако пред 5 години во која Фалкао и Тибо Куртоа беа погубни по Челси, слично како и нешто подоцна кога бевме исфрлени од истиот противник во полуфиналето на Лигата на Шампионите, со тоа што освен Тибо Куртоа во главна улога беше уште еден сегашен наш играч, Диего Коста. Реално, очекував тежок противник, но повеќе ја посакував Барселона поради кризата во која се наоѓаат и добриот биланс против нашиот клуб. Можеше подобро, но можеше и полошо бидејќи ПСЖ исто така се наоѓаше во садот, а мораше да отиде во нашиот дел од ждрепката. Потајно се надевавме на Порто или Севиља, но не ги дочекавме.

Првиот меч од полуфиналето на ЛШ 2013-14

Атлетико Мадрид оваа сезона изгледа ослабен во однос на претходните поради едноставниот факт дека има блокада на трансферите и немаа можност да донесат ниту еден играч. Сепак, таа екипа на чело со Диего Симеоне е една од ретките во Европа која е толку тактички подготвена да може да одигра офанзивно, на посед против послабите од себе, а да се затвори и да чека контри против посилните клубови. Подеднакво е опасна во двата случаи, а нивната сила е потврдена во Лигата на Шампионите во последните 4 сезони (2 финалиња, едно полуфинале и едно четврт-финале). Освен тактичката подготвеност, Чоло Симеоне располага со цврсти играчи меѓу кои особено се истакнуваат Диего Годин, Стефан Савиќ и Габи кои може да се каже дека одлично го затвораат простор меѓу линиите, па тој бедем е тешко да се пробие. Во средината освен Габи, има многу технички одлично потковани фудбалери, Коке, Саул и Караско (неретко игра и како крило) кои можат да ја задржат топката и да одиграат убиствен пас зад дефанзивците, а доколку им се остави простор секој од нив може да ја отвори одбраната со брзи утрчувања, сите се доста добри стрелци, а Коке може да бие од далечина со одлична прецизност. По крилните позиции се Кореа и Гајтан, но тие секогаш се помогнати од офанзивните бекови Хуанфран и Филипе Луиз кои одлично се снаоѓаат на противничката половина, дури и во шеснаесетникот.  Нападот го предводи нашиот добар познаник, Фернандо Торес, а Антуан Гризман е веднаш зад него, двајца брзи напаѓачи, кои знаат со топката, кои можат да бидат опасни и надвор од шеснаесетникот, додека Гамеиро и Вието најчесто шансата ја бараат од клупата, но сепак и двајцата се брзи и може да бидат незгодни за нашата потесна одбрана. На голот на Атлетико се наоѓа Јан Облак кој освен пеналите речиси и да нема друга слаба точка. Чоло Симеоне заврши голема работа со тоа што успеа да ја задржи екипата од минатата сезона, посебно што имаше многу шпекулации околу иднината на Гризман и Коке.

Рома

Веќе во третиот шешир наидовме на проблем. Од тие клубови, повеќето беа „по мерка“ на фановите на Челси, освен Рома и Наполи, а токму римјаните беа извлечени во нашата Ц група. Тие во овој преоден рок останаа послаби за Војчех Шчесни, Антонио Рудигер кој што ќе се врати назад на Олимпико во четвртото коло од групната фаза и нивниот најдобар играч, Мохамед Салах, а се засилија со Хектор Морено во срцето на одбраната, Александар Коларов на левата бековска позиција, Лоренцо Пелегрини од Сасуоло кој што се врати во клубот како и Гоналонс кој што дојде од Лион да додаде ротација во дефанзивниот дел од средината на теренот. На позајмица како замена за Салах беше донесен Дефрел. Екипата изгледа доста послабо од минатата сезона, во моментот на пишување на овој текст има уште 6 дена до крајот на преодниот рок, па некои работи би можеле да се сменат, особено се шпекулира доведувањето на Ријад Марез од Лестер. Сепак, нивната офанзивна игра од претходната сезона ќе биде сериозно ослабена со заминувањето на Салах, а тоа ќе мора да се искористи. Нивниот најсилен дел сигурно е средината на теренот каде што имаат 6-7 квалитетни играчи и секако крилните позиции каде Флоренци и Пероти/Ел Шарави можат да се опасни по противничкиот гол.

Римската волчица веќе ни беше противник во групната фаза од ЛШ во 2008-09, на домашен терен со голот на Тери ги освоивме сите 3 бода, додека пак голот на нашиот капитен на Олимпико беше доволен само да го ублажи поразот од 3-1. Тогаш завршивме втори, зад Рома, а пред Клуж и Бордо и бевме на чекор од финалето токму на Олимпико, но Том Хенинг Овербо беше ненадминлива пречка.

Прва сезона без своите легенди за двата клуба

Карабаг

Во четвртиот шешир беше извлечен можеби најлесниот противник, Карабаг. Тие се дебитант во елитното натпреварување на УЕФА, а нивната европска авантура започна уште во јули, во второто квалификациско коло. Ждрепката беше на нивна страна, па првата жртва беше грузиската Самтредиа, која беше поразена со 6-0 вкупен резултат.  Во третото квалификациско коло се состанаа со Шериф Тираспол, кој исто така беше рутински совладан со 2-1, а во плејофот го дочекаа Копенхаген. Како што видовме на Филип Втори во Скопје, данскиот претставник е далеку од оној Копенхаген на кој се сеќаваме од осмина финалето во 2011 кој што, рака на срце го намачи нашиот клуб. Азербејџанскиот клуб беше подобар во двомечот иако резултатот беше изедначен, тие постигнаа гол во главниот град на Данска и заслужено се најдоа меѓу фудбалската европска елита. Поради недостатокот на информации, вашиот колумнист ќе се извини поради лошата анализа на Азербејџанците, но сепак, ќе се сложиме сите, трите елитни клуба во групата Ц сметаат на своите 6 бода против новајлијата.

 

Што може да тргне на подобро и полошо?

Ако го погледнеме распоредот, може да се каже дека на почетокот тој е во наша корист поради фактот дека кампањата ја започнуваме против Карабаг на домашен терен, се очекува лесна победа без премногу умор што е многу важно бидејќи пред тоа гостуваме на Лестер, а викендот потоа го пречекуваме Арсенал. Како најповолен можен расплет на настаните, Рома и Атлетико Мадрид би одиграле нерешено на Олимпико, при што двата тима би изгубиле по 2 бода. Но, најлошо сценарио би била евентуална победа на Атлетико, кој што двата меча едно по друго во 3 и 4 коло ги игра против Карабаг, со кои што две евентуални победи ќе дојде многу блиску до првото место во групата.

Вистинските проблеми, оние кои зависат од нас доаѓаат подоцна кога во 7 дена гостуваме во Стоук, во Мадрид и на крај го пречекуваме Манчестер Сити на домашен терен. Ќе се сложиме дека во една недела се соочуваме со најважниот меч во ЛШ, а во исто време сме притиснати од две тешки средби во првенството. Еден Азар можеби сеуште нема да биде во топ форма, а евентуалните засилувања тешко дека би можеле да се вклопат во неполни месец дена. При евентуален пораз од Атлетико, речиси ги губиме сите шанси за првото место во групата.

Во периодот од 28 октомври до 25 ноември, нашиот клуб ќе одигра 6 натпревари, од кои единствениот меч на домашен терен ќе биде против Манчестер Јунајтед, а доколку го победиме Нотингем Форест во третото коло од Карабао Купот, лесно може да се случи во 30 дена да имаме 7 натпревари, само еден на домашен терен. Освен тоа, речиси сите наши играчи имаат по два натпревари за своите репрезентации помеѓу 5 и 18 ноември, што го прави овој период клучен како за нашата домашна сезона, така и за Лигата на Шампионите.

 

Јасно е дека нашиот најголем проблем е недостатокот на ротација. Овие 6 дена пред крајот на преодниот рок во голема мера ќе ја одредат сезоната. Многу имиња се поврзуваат со Челси, а доколку сакаме борба на два фронта, ќе мора да се реализираат најмалку 3 од тие безброј трансфери што се споменуваат во медиумите.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Најава] Патување на север

Загревање Во првиот меч од 14-тото коло  од Премиер Лигата, гостуваме на север во Манчестер ...