Wednesday , January 17 2018

[Генерал после битка] Челси 3-0 Барнли

Во саботата одигравме фантастичен натпревар, победувајќи со одлични 3-0 против една цврста екипа. Од мојата најава промашив само 2 од 22-та играчи кои истрчаа во саботата на Стемфорд Бриџ. Тоа беа Оскар и Вилијан, кои ги задржаа своите позиции во стартните 11 пред Фабрегас и Педро. Токму затоа и помислив кога ги видов составите дека ќе се мачиме да го разбиеме отпорот на една екипа чија што игра се базира на одбраната, поради недостаток на креативност во напаѓачката третина.

Но, таа моја мисла траеше само до 9-тата минута од натпреварот, поради тоа што Еден Азар, со сета своја генијалност одлучи да ме демантира. Имено, течеше деветтата минута кога Барнли изгуби една топка лесно, Матиќ го исфорсира Азар на левото крило во еден против напад што не изгледаше посебно опасно. Тој успеа со својот убиствен потег да појде во средината, да ги исфрли Мет Лоутон и Мајкл Кин од игра и да бие неодбранливо во долниот лев агол на голманот Том Хитон.

Со овој гол практично беше добиен натпреварот, но бидејќи имаше уште 81 минута до крајот, мораше нешто и да се одигра, а се одигра и тоа како. Конте ги знаеше слабостите на Барнли на средината, па го постави тимот повисоко и со тоа практично не дозволи ништо на случајноста. Тие имаа огромни потешкотии во преносот на топката. Овој начин на игра направи Канте конечно да изгледа како засилување вредно 30 милиони фунти. На сите прикази имате прилика да видите дека акциите почнуваат откако Нголо Канте ќе одземе топка и веднаш ќе додаде до најблискиот играч. Тој нуди иста рола како онаа на Макелеле од пред 10-тина години, додека пак Матиќ пред две сезони и кога беше приморан да игра дефанзивно знаеше да покаже дека умее со топката, дека е способен да пронајде играч на 30 метри од него. Затоа беше награден со зголемување на неговите офанзивни задачи и уште еднаш се покажа дека е вистинска опција за таа box-to-box позиција и беше одличен за тимот на двете страни од теренот. Ивановиќ и Аспиликуета како што кажав во најавата имаа многу простор и заедно со Азар и Вилијан ја торпедираа одбраната на противникот.

Азар гол

Шематски приказ на голот на Азар во 9 минута

По неколку минути Азар беше блиску до својот втор погодок откако го совлада одличниот Том Хитон, но Бен Ми ја изфрли топката од линијата. Веднаш потоа биеше Кејхил, чиј што волеј беше одбиен покрај стативата. Шансите на Оскар, потоа и Тери по корнерот на Вилијан, на Диего Коста се редеа, се до 41-та минута кога самиот Вилијан со извонреден удар од косо во 16-те метри го совлада репрезентативниот голман на Англија. На полувреме се замина со 2-0, иако дојде првата закана од кларетси точно пред паузата. Тоа беше еден контранапад по кој нашата одбрана реагираше слабо, но за среќа Скот Арфилд биеше непрецизно од прилично добра позиција.

Вилијан гол

Шематски приказ на голот на Вилијан во 41 минута

Второто полувреме започна како што течеше првото. Шансите се редеа, а најизгледна беше онаа на Азар кој зафати еден волеј директно по корнерот на Вилијан, но Хитон одбрани, а веднаш потоа Џон Тери одбиената топка ја префрли над пречката, иако голот беше на негова милост и немилост. Азар и Диего Коста имаа уште по две одлични шанси, но репрезентативецот Хитон имаше одлично попладне иако неговиот тим загуби.

На 14 минути пред крајот Конте го внесе Мозес, а веднаш потоа и Бачуаи и Педро, на местата на Вилијан, Азар и Коста. Мичи Бачуаи во својата прва акција ја искористи брзината да им избега на противничките стопери, но биеше само над пречката. Конечниот резултат го постави Мозес кога го совлада Хитон од 4-5 метри по центаршутот на уште еден играч од клупата, Педро.

Се на се, мирно сончево попладне на Стемфорд Бриџ. Трите бода останаа таму каде што требаше, а нашиот тим сега е на 100% учинок од првите три натпревари. Следен за нас е дуелот против Свонси на Либерти стадионот во Велс, додека пак за Барнли следен натпревар е против Хал Сити на Турф Мур каде што би требало да се покажат во подобро светло од она на Стемфорд Бриџ во сабота.

Мозес гол

Шематски приказ на голот на Мозес во 89 минута

Стартни постави

Челси (4-1-4-1): Куртоа, Аспиликуета, Тери (c), Кејхил, Ивановиќ, Канте, Матиќ, Оскар, Вилијан(Мозес 76-, Азар(Педро 80), Диего Коста(Бачуаи 80);

 Стрелци: Азар(9), Вилијан(41), Мозес(89).
Жолти картони: Оскар, Ивановиќ.

 

Барнли(4-4-2): Хитон, Ворд, Ми, Кин, Лоутон, Марни(Тарковски 71), Дефур(О’Нил 55), Бојд, Арфилд(Гудмундсон 56), Греј, Воукс.

Жолти картони: Кин, Тарковски.

 

Публика: 41607

Судија: Марк Клатенбург

Статистика

Посед на топката: 60% – 40%
Вкупно шутеви : 22 – 6
Шутеви во рамки на голот : 10 – 0
Голови : 3 – 0
Шутеви од шеснаесетникот : 14 – 4
Шутеви однадвор : 8 – 2
Фаули : 6 – 9
Жолти картони : 2 – 2
Црвени картони : 0 – 0

Како се одвиваше мечот..

Chelsea average position

Просечна позиција на фудбалерите на нашиот тим, на сликата се гледа офанзвиноста на нашите дефанзивни играчи кои голем дел од времето го поминуваа на противничката половина, особено бековите кои неретко беа во и околу шеснаесетникот на Барнли. Точно се гледа определеноста на Немања Матиќ на box to box играч кој функционира перфектно како во одбраната така и во нападот, а исто така и она што треба да биде Оскар во нашиот тим, да ги поврзува линиите на средината на теренот и нападот. Се што треба е малку повеќе креативност од него за да биде корисен и со топка во напаѓачката третина.

Burnley average position

Овде е прикажана просечната позиција на играчите на Барнли. На сликата се гледа како Џорџ Бојд(21) и Скот Арфилд(37) иако се крилни играчи, дејствуваат по средината со цел да го оневозможат Челси да функционира и да ја ублажат разликата во квалитет на средината на теренот, а исто така и примораноста на Андре Греј и Сем Воукс да се враќаат и на својата половина со таа цел. Тоа пак остави простор за Азар, Вилијан, Ивановиќ и Аспиликуета и нашите напади по крилните позиции беа извонредно опасни.

Играч на натпреварот

Азар heatmap

Играч на натпреварот несомнено беше Еден Азар. Тој го постигна водечкиот погодок, имаше 8 шутеви од кои 3 во рамки на голот, импресивни 244 допири на топката и 104 пасови, со два од нив креираше големи шанси на своите соиграчи. На сликата е прикажано неговото дејствување кое се протега по целата лева страна со неговите препознатливи пробиви во средината. Конечно Конте го врати нашиот најдобар играч на старите патеки и покажа дека минатата сезона е само лошо минато.

Имено, Хазард оваа сезона има 4,7 шутеви по натпревар, 2 клучни додавања по натпревар иако сеуште нема ниту една асистенција, дури 5,7 дриблинзи и е фаулиран 3,3 пати по натпревар. Одличен старт за нашето златно момче што всушност го покажуваат и двата гола зад неговото име, само Агуеро и Ибрахимовиќ имаат повеќе од него (3).

Патување низ Премиер Лигата, станица број 3

Ова коло почна со еден извонреден натпревар на Вајт Харт Лејн како што всушност и се очекуваше. Секоја чест за Тотенхем и Ливерпул кои одиграа напаѓачки, отворени 90 минути со многу шанси за гол, многу убави потези а на крајот ги поделија бодовите (1-1). Шампионот Лестер конечно дојде до првите 3 бода на домашен терен против слабиот тим од јужен Велс, а Џејми Варди конечно ја отвори сезоната после многу фрустрации на првите 2 меча(2-1). Арсенал беше уште еден тим кој се разбуди, на крилата на Алексис Санчез кој постигна еден гол и имаше две асистенции(1-3). Џеј Родригез неочекувано го спасуваше Саутемптон на домашен терен против црните мачки откако претходно Дефо го отвори резултатот(1-1), а ист беше случајот и со Кристал Палас на домашен терен против екипата од југот, Борнмут. Ужасната календарска 2016-та година продолжува за Алан Пардју и неговата екипа и покрај дебито на Бентеке, а спасителот беше Скот Дан во последните моменти на мечот(1-1). Чудниот пенал на Лејтон Бејнс кој предизвика многу фрустрации кај неговите сопственици на Фантази Премиер Лигата донесоа нови 3 бода на Евертон против Стоук Сити, сега сините од Мерсисајд имаат 7 и се наоѓаат високо на табелата. Роналд Куман покажа дека ќе биде огромно засилување за Карамелите кои изгледа конечно ќе го преточат својот талент во бодови(1-0). Маркус Рашфорд беше херојот за Манчестер Јунајтед на гости кај Хал. Теренската и играчката доминација против десеткуваните тигри ги претвори во 3 бода дури во последниот од 29-те шута кон голот на Јакуповиќ(0-1). Во недела ВБА и Мидлзброу одиграа очекувано “интересен“ натпревар на Хоуторнс во западен Мидландс (0-0) додека пак Сити со доминантна игра го совлада Вест Хем и покрај обидот на Славен Билиќ да го изненади Гвардиола со 3-5-2 формација(3-1).

Табелата после 3 одиграни кола

табела..

 

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] И тогаш станаа осум…

И тогаш станаа осум… Осум победи по ред во Премиер Лигата. Токму тогаш кога се ...