Monday , December 18 2017

Антонио Конте : Una grande vittoria

Старата вистинска љубов нема заборав, велат. Особено ако сеуште е околу тебе, ако имаш допирни точки со неа, ако ја гледаш, а уште повеќе боли ако сега му припаѓа на некој друг кој што го мразиш и тоа е тешко да се поднесе. Италија пак е земја на страста, на убавината и на стилот. Спојот меѓу тие две нешта може да биде магичен или убиствен.

Нашиот Челси едноставно доминира, во моментот кога ја пишувам оваа колумна, пред градското дерби против тотенхем, имаме 6 победи по ред во Премиер Лигата, а немаме примено гол на ниту една од нив, плус на вториот дел од мечот против арсенал кој што го загубивме со 3-0. Врв на табелата, доминација во секој поглед од играта. Не е лошо по оној старт во кој загубивме 2 пати, еднаш одигравме нерешено со вкус на загубен натпревар поради водството од 2-0, a два пати победивме со гол во, она што би рекле нашите колеги од Англија, “dying moments” од натпреварите. Го заборавив триумфот против Барнли со 3-0, но тоа воглавном беше се од првите 6 меча.

Ситуацијата беше следната, на последните 3 меча имавме 1 бод и два срамни порази во трите последни срамни натпревари, разнишана самодоверба, нова формација, безброј прашања и гостување на север кај Хал кој гризе во борбата за опстанок. Натпреварот започна во 3-4-3 формација за нас. Како отчукнуваше часовникот, нервозата беше се поголема кај мене. Секоја минута беше смрт, немавме никаква шанса за гол во првите 45. Знаев дека ако не успееме да го скршиме ледот брзо, ќе биде многу потешко. А не успеавме. Го исклучив телевизорот и тргнав на прошетка избегнувајќи да гледам уште едно тажно полувреме и неповолен резултат. Се вратив и со страв проверив што сме направиле погледнувајќи ја најпрвин табелата. Во таа колона стоеше среќниот број 13, што значеше дека трите бода беа тука. Брзо го побарав и го одгледав второто полувреме и чувството беше неверојатно. Се беше случил некој клик и сложувалката се спои.

Сега, 2 месеци подоцна сеуште го имам тоа чувство. Сеуште не сум свесен што точно се случи во тие моменти, но тоа нешто беше многу моќно. Прекрасна игра, импресивни победи. Но тоа не е најголемиот успех за Антонио Конте. Имено, кога замина Жозе Мурињо пред нешто повеќе од 9 години, односно кога беше избркан од нашата клупа, тој никогаш не престана да биде сакан и почитуван од нас, навивачите на Челси. Иако Аврам Грант не внесе во финалето на Лигата на Шампионите, како никогаш до тогаш, иако Гус Хидинк го освои купот и беше срамно спречен да се одмазди на Манчестер Јунајтед во Рим една година потоа, иако нашиот Карло ја освои првата двојна круна во историјата по дури 105 години со импресивен напаѓачки фудбал, и покрај тоа што друг Италијанец, Роби Ди Матео достигна нови височини освојувајќи ја Европа, никогаш не го заборавивме нашиот Специјален. Секогаш беше таму, на врвот, над сите нив, запишан со златни букви во нашата историја. Сите мечтаевме за тоа дека еден ден ќе се врати и ќе не потсети на славните денови кога владеевме со Островот. А потоа, тој се врати…

Беше дочекан како Бог, му беше покажано дека Стемфорд Бриџ секогаш бил и ќе биде негов, како што Тој секогаш беше и ќе биде наш. На натпреварот против Хал Сити започна една нова ера. Во тој преубав период многу пати морав да се повредам себеси за да сфатам дека не сонувам. Тоа беше љубов, тоа беше враќање на вербата во нешто што го сакам повеќе од една и пол деценија.

Но денеска одлучив да зборувам за најголемата победа на нашиот Антонио Конте . Неверојатно, но по четврти пат тигрите од Јоркшир беа противникот на Челси во еден меч што е на некој начин историски за нас. Во февруари 2009-тата ремито 0-0 на Стемфорд Бриџ против нив значеше крај за Луиз Фелипе Сколари, доаѓање на Гус Хидинк. Резултат: војнички организиран Челси, освоена титула во ФА Купот, срамен пораз од Уефа без да загубиме против Барселона и руиниран арсенал на гости со 4-1. Во август истата година со головите на Дрогба и победата против Хал во судиското надополнување го започнавме победничкиот марш кон трофејот од Премиер Лигата под водство на Анчелоти, а пак нивниот повраток во 2013-тата година го означи и враќањето на Жозе, кој што не водеше до нов трофеј во Премиер Лигата и во Лига купот. Овој пат, на Кеј-Си Стадионот во Хал се случи тој “клик“ во нашата игра, во второто полувреме на тој меч излезе еден нов Челси кој што е решен да доминира на фудбалските терени. Дали тоа ќе се случува доволно долго како што се случува сега за Антонио Конте да остане запишан во нашата историја останува да видиме, но најголемиот негов успех е тоа што морам сето ова да го напишам, за да се сетат фановите на Челси од Македонија дека постоеше специјален човек по име Жозе Мурињо кој ни беше како татко на сите што го сакаме тој клуб. Зарем има поголем успех за еден љубовник од тоа да успее да ја натера саканата да ја заборави старата љубов?

jose-mourinho-antonio-conte-556475
Tchau Jose, Bienvenuto Antonio

А не можеме да го мразиме. Тој по се изгледа навистина го сакаше Челси. Не можеме да одречеме дека плачевме таа вечер на 14-ти декември знаејќи дека го гледаме последниот натпревар на Челси предводен од Жозе. Не смееме да мразиме некој кој што е дел од нас. Не смееме да ги мразиме успесите што ги доживеавме кога бевме заедно.

На крајот на денот, верувам дека секој од вас ќе се сложи со мене ако го напишам следното: благодарам Антонио Конте што ни покажа на сите што значи да се заборави старата љубов, благодарам Антонио Конте што ни ја врати вербата во себе, во нашите сини. Ти благодарам за тоа што не сврте на напред и ни даде можност да веруваме дека најдоброто од Челси сеуште не сме го виделе во претходните, скоро 112 години. Најдоброто од нашите херои допрва го очекуваме. Ти благодариме страствен љубовнику од Италија, продолжи ја традицијата на твоите претходници, наши миленици Франки Зола, Лука Вијали, Роби Ди Матео, Карло Анчелоти.

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Колумна] Денот кога засакав шпагети

Еден студен зимски ден, мало дете со штотуку наполнети 6 години седи на масата на ...