Tuesday , October 24 2017

[Анализа] Челси – тотенхем

Во саботата се одигра уште едно дерби на Стемфорд Бриџ, можеби досега најважниот натпревар од сезоната. Една серија мораше да прекине, или нашата која гласеше 6 победи по ред, или пак непоразената низа на тотенхем од почетокот на сезоната. На наша среќа, исходот е тоа што во Премиер Лигата повеќе нема непоразени екипи, а Челси дојде до првата низа од 7 победи едно по друго во Премиер Лигата, прв пат откако Жозе Мурињо победи 9 меча по ред пред 9 години. Но како се дојде до тој исход? Ќе се потрудам да ви објаснам во овој текст.

Се почна лошо по нашиот клуб. Едноставно бевме непрепознатливи во секој аспект во играта. За нас започна истиот состав како на последните 5 натпревари, а пак тотенхем поради отсуството на двата леви бека во екипата, не ги остварија моите прогнози и настапија со иста формација како нашата. Во една таква поставеност, јасно беше дека повеќе од играта ќе добие оној кој што ќе надвладее во средината на теренот. Но, нивните “крила“ се сепак играчи што знаат да играат внатре во теренот, да играат со топка и да креираат шанси. Деле Али и Ериксен во текот на целиот меч беа во ширина на шеснаесетникот и со тоа создаваа вишок од 2 играчи на средината, што им овозможуваше да притискаат уште на нашата половина. Во првите половина час потполно беа отсечени Хазард, Коста и Педро.
Тоа беше фрустрирачки да се гледа, особено ако се знае дека Виктор Ванјама доминираше над теренот, веројатно играјќи го едно од подобрите полувремиња во неговата кариера, а пак нашиот играч на таа позиција кој што е платен небаре 3 пати повеќе, доцнеше во секој дуел барем за половина секунда. Дури и кога ќе ја одземевме топката пред да дојде до нашиот шеснаесетник, немаше идеја како да ја изнесеме на противничката половина. Едноставно поради активноста на Кејн во одбраната како и на Ериксен и Деле Али при пресинг, Ерик Диер и Виктор Ванјама изгледаа како вонсериски играчи, нешто што секако не се.
Во тој интервал примивме и погодок, ремек дело на Кристијан Ериксен што дефинитивно беше грешка на нашите стопери. Им недостасуваше одлучност и храброст да тргнат да го блокираат тој шут, а кога зад топката е таков играч, неминовно е да се плати за тоа. Фрустрирачки беше да се гледа сето тоа, веројатно најлошите 30-тина минути по оние на Емирати кога примивме 2 гола и не излеговме од половината. Треба да бидеме среќни што и во овој случај не беше таков исходот, ако се знае бројот на топките што ги изгубивме  на 30-40 метри од голот како и глупавите непотребни фаули направени во опасната зона, давајќи му на Кристијан Ериксен прилика да центрира или директно да бие кон нашиот гол, а тој е еден од најдобрите изведувачи во светот.
Но, по 30-тина минути беше јасно што недостасува во играта па Еден Хазард уште еднаш ја покажа својата фудбалска интелигенција враќајќи се во средината на теренот и почнувајќи ги речиси сите акции на својот тим. Десно речиси секогаш го имаше отворен Мозес поради слабостите на ваквата формација на тотенхем при бранење транзиција, а во тој случај Педро дејствуваше зад Коста, а Маркос Алонсо се уфрлаше од втор план по левата страна. Промашивме неколку изгледни прилики од нафрлени топки, а Мозес дефинитивно го играше еден од подобрите мечеви откако е во составот.
При една таква слична акција постигнавме погодок кој што според мене може да ја одлучи оваа сезона. Ако головите на Коста и Вилијан против Хал Сити назад во октомври ја поставија трасата за досегашните успеси, овој погодок на Педро може во целост да ја одлучи сезоната. Зошто го велам ова?

LONDON, ENGLAND - NOVEMBER 26: Pedro of Chelsea scores his team's first goal during the Premier League match between Chelsea and Tottenham Hotspur at Stamford Bridge on November 26, 2016 in London, England. (Photo by Shaun Botterill/Getty Images)
Педро во моментот на шут на работ од шеснаесетникот, сместувајќи ја топката во горниот лев агол од голот на Лорис

Доколку таа топка отидеше 10 метри над голот, како што Педро вообичаено ги праќа своите удари од надвор од 16-те метри, најверојатно ќе отидевме на полувреме со негатива од 0-1. Во тој случај, тотенхем имаше одличен состав на теренот кога се работи за дефанзива, така што како ќе поминуваше времето, ќе беше се потешко да се пробие тој ѕид околу голот на одличниот Уго Лорис. На крајот веројатно Конте ќе мораше да внесува дополнителни напаѓачи, да ја ослабнува одбраната и исходот ќе беше фатален со уште еден примен гол до крајот, пад од врвот на табелата и разнишана самодоверба поради фактот дека ни е покажано дека не сме непобедливи, како и поради првиот пораз од овој лут ривал на домашен терен по 1990-тата година. А сите знаеме каков меч не очекува следната недела, еден од оние 6-pointers, еден од оние кои на крајот ќе бидат клучни во борбата за титулата. Сепак, таа заврши веројатно во единствениот простор од голот кој што Лорис не можеше да го покрие, а онаа сенка од голем играч што некогаш играл во шампионската Барселона, се претвори во нов херој на Стемфорд Бриџ, онака како што доликува, на голема сцена. Всушност, тој секогаш бил играч за големи натпревари, финалиња и Ел Класика. Со овој гром од ведро небо, играчите на тотенхем веројатно не сакаа да влезат во соблекувалната и 15 минути да бидат изложени на драма во нивните глави, а веројатно владееше штама. Можете само да замислите што се случувало во домашната соблекувална во тие моменти!
Колку и да е сето тоа тајно, првите 10 минути од играта во вториот период ја покажаа целата слика за претходните 15. Нашите момци излегоа одлучни да го згазат противникот, беа како оси околу нивните стопери и последни играчи за врска, па и Лорис, што резултираше со неколку грешки, и веројатно доколку беше подобра реализацијата, уште тогаш ќе ги обезбедевме трите бода. Уште еден гром удри на Стемфорд Бриџ само 5 минути по одморот. Мозес беше таму каде што претпоставувам не требаше да биде, на 95 метри од својот гол, но тоа чувство што го имаа сите играчи по одморот, таа полетност што ја добија по голот на Педро го смести таму каде што Диего Коста само можеше да посака. Виктор Мозес беше сам на таа повратна топка, на пет метри од противничкиот гол и немаше никој околу него, во тој момент времето за мене запре.
Ми помина целата сезона низ главата, овој меч веќе го видов како добиен,  а ги видов нашите играчи како доминираат на Сити Граунд, или ако сакате по терминологијата од претходните неколку години- Етихад, во синиот дел од Манчестер, на крилата на овој успех. Станав и ги кренав рацете, а тогаш конечно топката стигна до ногата на Мозес и тој со малку среќа ја смести во мрежата. Славењето можеше да почне, веројатно немаше сила што ќе натера било кој од нас фановите да не убеди дека нема да ги освоиме тие 3 бода на крајот на денот.

moses-goal
Извонредна визија од Диего Коста кој го остави Мозес осамен на работ од петерецот, кој пак рутински ја заврши работата и ни донесе нови 3 бода

Во тој период, до крајот на мечот, масторството на Антонио Конте дојде до израз. Тој го затвори мечот точно онолку колку што требаше, не дозволувајќи му на тотенхем повеќе од една изгледна прилика, која што ја пропушти Деле Али, но која што беше дискутабилно дали спаѓа во редот на оние сто процентни. До крајот активно се бранеше, а тоа ни донесе нови 3 бода и не донесе нов чекор поблиску до крајната цел.

conte
Антонио Конте својата пасија ја префрла на фудбалерите и на сите нас. Оваа сезона може да биде шампионска само со таков дух.

 

Играч на натпреварот според мене уште еднаш беше Еден Азар, иако тоа можеби статистички не се гледа, но неговиот придонес за играта беше неверојатен враќајќи се на средината и активирајќи се во изградбата на сите напади. Во него имаме злато-вреден водич за наредните пет и повеќе години. Педро го постигна до сега голот на сезоната симнувајќи ја пајажината од мрежата на Лорис, а пак Мозес покажа дека заслужува шанса во првите 11. Антонио Конте ја покажа својата уметност, тактичка зрелост и се докажа дека знае да го извади најдоброто од сите играчи. Веројатно најслабата алка во тимот беа играчите за врска Канте и Матиќ како и Луиз кој што се врати на старата болка губејќи неколку топки во опасната зона како и не можејќи да се одлучи дали да излезе на Ериксен при погодокот на нашиот противник. Таквите испади нема да пропушти да ги искористи Манчестер Сити следната сабота.

 

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] И тогаш станаа осум…

И тогаш станаа осум… Осум победи по ред во Премиер Лигата. Токму тогаш кога се ...