Tuesday , October 24 2017

[Анализа] И тогаш станаа осум…

И тогаш станаа осум… Осум победи по ред во Премиер Лигата. Токму тогаш кога се одеше надолу, кога се чинеше дека нашиот клуб оди во пропаст. Хал, Лестер, Манчестер Јунајтед, Саутемптон, Евертон, Мидлзброу, Тотенхем и Манчестер Сити. На 2 победи сме од најдолгата низа во нашата историја, онаа во сезоната 2005-06. Уште еднаш покажавме карактер, уште еднаш се покажавме најсилни токму кога сме најранливи.

Натпреварот во саботата започна солидно по нас, се чинеше дека конечно по, не се сеќавам ниту јас, колку натпревари, нема да се браниме од Манчестер Сити, и тоа на Етихад, и тоа кога победата се броеше 6 бода, во трка за врвот на Англија. Се играше отворено и само малку среќа на било која страна недостасуваше за да падне погодок во раниот тек од натпреварот. За нас најизгледната шанса ја имаше Азар. Поточно најизгледните две шанси. Првата беше ударот од работ на шеснаесетникот, втората беше при празен гол кога одреагира многу лошо и не успеа ниту да постигне ниту да искреира водечки погодок за нас. На другата страна пак, бомбардираше Агуеро. Аспиликуета и Куртоа ја бранеа нашата мрежа со сите сили. Како што претпоставив пред почетокот, немавме доволно сила на средината на теренот за да се спротивставиме, но нашите контра удари беа многу опасни, а бевме прилично безбедни на нашиот дел од теренот.

Тогаш дојде таа кобна 45-та минута, и се тргна надолу. Добро се затворивме пред нашиот гол и тие имаа огромни проблеми да ја пробијат таа одбрана. Но, Хесус Навас, веројатно најлошиот поединец на Манчестер Сити, со веројатно најлош центаршут и шут во Премиер Лигата, центрираше една топка во срцето на шеснаесетникот, а нашиот капитен, Гери Кејхил не знаеше што да прави со таа топка. Веројатно нешто што треба да биде лесен плен за сите репрезентативни стопери на светот, заврши во небранетиот агол од голот на Тибо Куртоа. Во најлош момент, пред полувремето. Истиот период од мечот што ни помогна да победиме на претходниот дуел, сега можеше да биде кобен.

%d0%ba
Неверојатен, дури смешен потег на стопер од репрезентативен калибар

 

Како што претпоставував, на почетокот на вториот дел, нашиот ривал нападна со цел да не докрајчи и до крај да го свртии мечот во негова корист. Тука имаше се и сешто, сомнителни одлуки на судијата, огромни грешки во нашата одбрана, *”Shaqtin’ a fool”* момент од Кевин Де Брујн кој што промаши празен гол од 5 метри, а по една  глупост на Маркос Алонсо, Гери Кејхил се искупи за автоголот, спасувајќи чист погодок на Агуеро.

*НБА фановите знаат дека Shaqtin' a fool е хумористична емисија на легендарниот кошаркар Шекил О'Нил, која содржи промашувања како она на Кевин Де Брујн против Челси во саботата
*НБА фановите знаат дека Shaqtin’ a fool е хумористична емисија на легендарниот кошаркар Шекил О’Нил, која содржи промашувања како она на Кевин Де Брујн против Челси во саботата

Но, тогаш дојде на сцена дуото Фабрегас-Коста кое што демолираше ширум терените во Премиер Лигата пред 2 сезони. Цеск, кој воопшто не требаше да биде во составот но беше поради повредата на Матиќ, испрати една длабочинска топка управувана со далечински управувач, точно на градите на Диего, кој што имаше стопер на грбот и веројатно тоа беше единственото место каде што можеше да ја смири топката без да му биде одземена. Откако тоа се случи, мајсторството дојде до израз, а Отаменди изгледаше како мало дете кое се обидува да се справи со ѕвер. Со првиот допир Диего си даде совршен фор, нешто што го можат само најголемите мајстори. Кога веќе влезе во шеснаесетникот имаше огромна просторна предност пред Отаменди како и предност во смисла на тоа дека не смее Аргентинецот да биде груб и да фаулира поради можен пенал. Следниот допир беше шут, и тоа рутински, како што само Коста знае. Диего Коста 11-10 Серхио Агуеро. По тој погодок веќе ништо не беше исто. Диего остана осамен на врвот на листата на стрелците, но уште поважно, го смени натпреварот во наша корист.

Диего Коста по прославата на голот против Манчестер Сити
Диего Коста по прославата на голот против Манчестер Сити

Домаќините се обидуваа да нападнат, но тоа само ни даде шанса за контра напади. Во една таква ситуација, успешно се одбранивме, Диего Коста прими топка на средината на теренот, а Отаменди уште еднаш изгледаше смешно откако нашиот центарфор го сврте и се „истресе“ од него како на шега. Вилијан сето тоа го следеше, па забрза во својот спринт кој што на крајот беше долг 70-тина метри, од нашиот шеснаесетник до 10-тина метри од голот на Клаудио Браво. Претходно доби правовремена топка во простор и на најдобар начин го искористи тоа што Манчестер Сити купи голман кој ќе им помогне да имаат повеќе посед од противникот, а во Торино даде на позајмица голман кој што ја врши работата што е всушност главна за еден голман, да го брани голот. Клаудио Браво беше на „ничија земја“ и имаше огромен простор да помине топката како на поблиската, така на подалечната статива. Вилијан ја искористи втората опција, биеше и рутински го совлада. Антонио Конте – Пеп Гвардиола 2-1.

Поддршка од Вилијан за Чапекоенсе по постигнатиот гол
Поддршка од Вилијан за Чапекоенсе по постигнатиот гол

Тогаш веќе беше јасно дека натпреварот оди во најдобра можна насока за нашиот тим. Агуеро промашуваше шанси, другите играчи на Сити се мачеа да го разбијат нашиот отпор. Конте искусно го извади Диего Коста и со внесувањето на Чалоба го зацврсти средниот ред, а додаде брзина во нападот затоа што таму беше прекомандуван Еден Азар. По уште еден рутински одбранет противнички напад, Маркос Алонсо доби топка, а Еден Азар веднаш тргна во усмртувачки спринт. Шпанскиот крилен бек тоа го забележа и по само неколку моменти, правејќи сето тоа, почнувајќи од пасот, преку приемот на топката во полн трк и пуштањето на фор точно онолку колку што треба, да изгледа толку просто и лесно, Азар се најде очи во очи со Клаудио Браво. Како и при првите два гола, и во оваа ситуација на голот на Манчестер Сити изгледаше како да нема никој. Рутинска завршница и тоа е гејм, сет и меч за Челси. Но, најдоброто допрва следуваше.

Англичаните би рекле: "Cool finish from Eden Hazard"
Англичаните би рекле: “Cool finish from Eden Hazard”

При еден спринт во завршницата од мечот, Агуеро си даде предолг фор и Давид Луиз како и неретко кога во текот на овие 8 натпревари, беше на вистинското место да го расчисти тој обид. Кога Агуеро виде дека му избега топката, направи еден старт за кој што нема место во модерниот фудбал. Отиде директно на коленото на Давид Луиз, продолжувајќи ја војната со нашиот бразилски стопер која што ја започна пред 3 и пол години на Вембли во полуфиналето на ФА Купот. Тогаш Чалоба дојде да го одбрани својот стопер кој што лежеше во огромна болка на тревникот. Го турна Агуеро на земјата, а тогаш се создаде вистинска мешаница на теренот. Најпрвин Агуеро доби црвен картон и суспензија од 4 меча поради тоа што веќе имаше една суспензија од 3 натпревари претходно во сезоната, а потоа Фернандињо заради еден одвратен потез, фаќајќи го Фабрегас за грлото доби црвен картон и 3 меча суспензија. Ако се знае дека Отаменди доби жолт картон претходно во натпреварот, се добива впечаток дека не само што го добивме овој меч, нашиот ривал во трката за титулата го оставивме без 3 важни играчи за следните мечеви. А следниот меч е гостување кај шампионот Лестер кој оваа сезона грчевито ќе се бори за опстанок, шанса да се одлепиме на врвот уште повеќе.

Хорор старт на Кун Агуеро над нашиот Давид Луиз
Хорор старт на Кун Агуеро над нашиот Давид Луиз

Играме одличен фудбал, не недостасуваат голови, не недостасува одлична одбрана , но пред се, она што највеќе ме радува е тоа што не недостасува карактер и срце, од сите играчи на нашиот тим. Секој е тука за секого, секој е тука за тимот, да го пополни секое место на теренот и да скокне во копачките на било кој играч од првиот тим. Типичен доказ за тоа е Цеск Фабрегас кој што немаше натпревар во ПЛ од оној пораз против арсенал на кој можеби беше најлошиот поединец на теренот. Во саботата видовме еден дијаметрално спротивен Фабрегас, кој што конечно потсети на оној најдобар асистент во лигата пред 2 сезони.

Oh Fabregas is Magic, he wears a magic hat...
Oh Fabregas is Magic, he wears a magic hat…

Ех, какво време да се биде навивач на Челси…

За Иван Јакимовски

ivajlo26@gmail.com'
Луд заљубеник во Челси од мали нозе како и во британскиот фудбал и воопшто култура, до таа мера што и кога ретко гледа друг спорт, секогаш навива за Британците. Го користи секој слободен момент за нови информации од Островот.

Поврзани новости

[Анализа] Челси – тотенхем

Во саботата се одигра уште едно дерби на Стемфорд Бриџ, можеби досега најважниот натпревар од ...